ОЈО: Се бара притвор за организираната криминална група од Арачиново, меѓу кои имаше и полицаец

од Nikola Popovski
257 прегледи

Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција постапувајќи по кривичната пријава на Министерството за внатрешни работи,  донесе Наредба за спроведување на истражна постапка против десет лица од кои едно е полициски службеник, а едно дете во судир со законот над 16 години. Три лица се осомничени дека сториле кривично дело Неовластено изработување, држење, посредување и тргување со оружје или распрскувачки материи и кривично дело Неовластено производство и пуштање во промет на наркотични дроги, психотропни супстанции и прекурзори, пет лица се осомничени дека сториле кривично дело Неовластено производство и пуштање во промет на наркотични дроги, психотропни супстанции и прекурзори, а останатите двајца за кривично дело Неовластено изработување, држење, посредување и тргување со оружје или распрскувачки материи.

Имено, во рамките на повеќемесечната истрага и обезбедени доволен број на докази кои ја потврдуваат инволвираноста на лицата во недозволена трговија со оружје и дрога, денеска во раните утрински часови е спроведена оперативна акција. По насоки и координација на јавен обвинител од Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција, полициски службеници од Министерството за внатрешни работи извршија претреси во дом и други простории на повеќе локации на подрачјето на Град Скопје и на една локација на подрачјето на Свети Николе. Притоа, од слобода се лишени и приведени девет лица меѓу кои и еден полициски службеник, еден од осомничените веќе се наоѓа во притвор во друг кривично правен настан.
Двајца од осомничените создале организирана криминална група инволвирана во вршење на кривични дела од областа на недозволена трговија со оружје, муниција и дрога, која подолг временски период делува на територијата на нашата држава. На групата се приклучиле останатите осомничени кои нелегално продавале оружје, муниција и дрога на заинтересирани лица.

Оваа криминална група е поврзана и со претходно реализиран кривично правен настан во Кичево во ноември 2020 година, кога беа запленети поголема количина на оружје и муниција, како и со реализирани случаи на недозволена трговија со дрога во кои обвинителството веќе постапува против девет лица и случаи на недозволена трговија со оружје и муниција каде обвинителството постапува против три лица.

Приведените лица ќе бидат изведени пред Судија на претходна постапка при Основниот кривичен суд – Скопје. Надлежниот јавен обвинител ценејќи дека постојат околности што укажуваат дека постои опасност осомничените да се дадат во бегство, да се сокријат, како и да ги уништат трагите од кривичното дело и да влијаат врз сведоци, до Судијата на претходна постапка при Основниот кривичен суд Скопје ќе достави Предлог за определување на мерка притвор.

Слични содржини