Околу 130 верници се пријавени за фаќање на светиот крст, кој утре околу пладне ќе биде положен во реката Вардар во Скопје.
Како што информираат за МИА од МПЦ-ОА – Скопска епархија, сите пријавени се полнолетни и се проверени на спортска медицина, а некои учесници се спортисти.
Во 9 часот ќе почне архиерејска божествена литургија во храмот „Рождество на Пресвета Богородица“, во која ќе учествува и архиепископот на Македонската православна црква – Охридска архиепископија (МПЦ-ОА) г.г. Стефан. Литургијата ќе заврши околу 11 часот, а потоа ќе следи голем освет на водите во припратата на црквата.
Околу 11:15-11:20 часот, архиепископот на МПЦ-ОА г.г. Стефан заедно со свештенството во поворка ќе се упатат кон мостот „Слобода“. Таму веднаш ќе почне церемонијата „Водици“, каде архиепископот ќе го положи крстот во реката Вардар околу 12 часот.