Долгогодишниот хрватски репрезентативец и поранешен играч на Баерн Минхен, Ивица Олиќ, го
поддржа актуелниот тренер на Баварците – Нико Ковач. Двајцата беа соиграчи во
репрезентативниот тим на земјата, а Олиќ, кој во моментов е асистент во селекцијата на
„ватрените“, верува дека Ковач заслужува да биде тренер на шампионите на Германија и критиките
на негова адреса се неправилни.

„Нико заслужува да биде тренер на Баерн. Верувам дека со него на чело, многу титули ќе бидат
освоени. Кога го презеде Ајнтрахт (Франкфурт), ситуацијата беше речиси толку страшна како во
Хамбург. Но, тој го направи речиси невозможното, и на крајот си замина како освојувач на Купот.
Тој носи стабилност и неговите тимови играат добар фудбал“, рече Олиќ во интервју за Goal.com.
„Ковач е Германец во тело на Хрват. Како играч бил 100% професионален и сега го сака истото од
неговите играчи. Мислам дека никогаш не задоцнил во неговата кариера. Во репрезентацијата на
Хрватска моравме да си легнеме до 23.00 часот, а во 22.55 тој веќе беше во кревет“, продолжува
Олиќ.
„Тој беше како тренер на теренот додека игравме. Мислеше и дејствуваше како тренер, иако беше
фудбалер. Ако некој ден добијам работа како тренер, тогаш еден од првите од кои ќе побарам совет,
категорично би бил Нико“, завршува поранешниот напаѓач, кој помина три сезони во баварскиот
гигант и постигна 23 гола во 80 натпревари помеѓу 2009 и 2012 година.