Фудбалската федерација на Македонија (ФФМ) денеска го оддржува своето Редовно Изборно Генерално Собрание.
На Собранието присутни се 65 од вкупно 66 делегати од Општинските фудбалски Сојузи и клубовите во рамки на системот на натпревари на нашата федерација.
Актуелниот претседателот Масар Омерагиќ на Изборното Собрание е единствен кандидат за четиригодишен мандат на чело на ФФМ.
Во својот говор на почетокот од работниот дел, првиот човек на македонскиот фудбал се осврна на состојбата која ја затекна од неговото доаѓање на чело на федерацијата на 22. декември 2024 година.
„Во изминатите две години федерацијата имала повеќе расходи отколку приходи. Ова е сериозен предизвик што укажува на потреба од подобро планирање, поголема контрола и појасна финансиска стратегија. Само во реалното работење, федерацијата е во минус од еден милион евра“, изјави претседателот на ФФМ.
Фудбалската академија, според него, се соочува со сериозни предизвици – недоволни услови за работа, непродуктивни трошоци и пробиен буџет. Без јасна стратегија и без вистинска поддршка за младите таленти. Младинските категории, кои се основата на секоја репрезентација, немаат доволна поддршка и јасен долгорочен план за развој.
Дополнителен проблем е и состојбата на административната зграда, која треба да ја симболизира сериозноста и професионалноста на федерацијата.
„Се соочивме со предизвици и во односите меѓу вработените, што дополнително влијаеше на ефикасноста на работењето“, порача тој.
Според Омерагиќ, време е да се постават нови стандарди во работењето.
„Нашата цел е да изградиме федерација што ќе биде стабилна, транспарентна и посветена на напредокот на македонскиот фудбал. Ова не е лесен процес, но е неопходен. Пред нас е многу работа, но ве уверувам – федерацијата повеќе нема да биде симбол на неорганизираност, туку институција што ќе работи професионално и во интерес на македонскиот фудбал“, изјави претседателот во своето обраќање.