Низ европскиот континент здравствените работници се подготвуваат за нов бран на инфекции, па вчера беа најавени дополнителни ограничувања во Германија, Република Ирска и Холандија со цел да се запре новиот бран пандемиja.
Варијантата „омикрон“ на коронавирусот се шири во Европа „со молскавична брзина“ и веројатно ќе стане доминантна во Франција до почетокот на следната година, предупреди францускиот премиер Жан Кастекс.
Тој го рече ова во обраќањето само неколку часа пред Франција да воведе строги ограничувања за сите патници кои влегуваат од Британија.
Обединетото Кралство е моментално најтешко погодената европска земја со ширење на новата варијанта на короната со скоро 15.000 потврдени случаи на „омикрон“ вчера. Откако Обединетото Кралство објави рекорден број од новиот вид, повеќе од 93.000 трет ден по ред, ирскиот премиер Мајкл Мартин изрази стравување дека „новите инфекции со сојот ќе се шират со многу побрзо темпо отколку што сме виделе досега“.
Во Германија, каде вчера беа потврдени 50.000 нови случаи, министерот за здравство Карл Лаутербах им рече на новинарите дека земјата „мора да се подготви за предизвикот во сосема нова форма“, а германската агенција за јавно здравје ги опиша Франција, Норвешка и Данска како „високо ризични земји „поради зголеменото ширење на новиот вид на Ковид.
Франција синоќа во 23 часот ги затвори границите за туристите од Велика Британија, при што се формираа огромни редици на пристаништата во Довер и терминалите на Еуростар каде луѓето се обидуваа да влезат во возови пред да стапи на сила забраната.