ОМО Илинден: 58 години од почетокот на негирање, асимилација и дискриминација на македонското малцинство во Бугарија

од Nikola Popovski

14 години од членството на Република Бугарија во ЕУ, 31 година демократија, 58 години од почетокот на политиката на негирање, асимилација и дискриминација на македонското малцинство во Бугарија. Состојбата на македонското малцинство во Бугарија во 2021 година продолжува да биде лоша во врска со ескалацијата на односите со Македонија поради обидите на бугарските власти да го принудат Скопје да го негира постоењето на малцинството и медиумската кампања во Бугарија. Ниту едно од правата предвидени во Рамковната конвенција за националните малцинства не му е доделено на македонското малцинство. Во училиштата децата не учат ништо за македонската нација и малцинство; напротив, информациите ги добиваат на начин што не остава простор за постоење на македонската нација и малцинство, бараат здруженијата на Македонци во Бугарија, на чело со забранетата партија ОМО Илинден Пирин.

Според нив, македонскиот литературен јазик и историја сè уште не се изучуваат.

-На телевизиите и медиумите постојано и на разни начини се пласира ставот дека не постои македонска нација и се што е македонско е бугарско. Во историските преноси и дебати не е застапено македонското гледиште. Самата македонска самосвест („македонизам“, како што се означува во Бугарија) се третира како вештачка антибугарска идеологија. Македонската самосвест во Бугарија (но и македонската нација во целина) се третира како производ на комунистички експеримент или како резултат на странска непријателска пропаганда. Нетолеранцијата кон Македонците продолжува да преовладува во општеството, а тие се предмет на говор на омраза, често широко циркулиран во медиумите, без санкции од државните институции и без јавна осуда, посочуваат од таму.

Нерегистрираната партија на Македонците во Бугарија ОМО Илинден Пирин ги повикува бугарските власти да ја поништат одлуката на Уставниот суд од 29 февруари 2000 година и Декларацијата на бугарскиот парламент од 6 март 1990 година и од 9 ноември 2019, со кои официјално се кажува дека во Бугарија не постои македонска етничка група.

-Да се прекине или да се смени работата на Комисијата за историски прашања со Македонија, прекинувајќи ги обидите на бугарската страна да ја искористи за наметнување на бугарската национална митологија во македонските училишта и како изговор за блокирање на евроинтеграциите на Македонија.

Бугарија да ја укине блокадата пред евроинтеграциите на Македонија и да се воздржи од поставување какви било услови кои не се во согласност со европските регулативи и пракса, бараат од партијата на Македонците.

-Ако Република Бугарија инсистира Бугарите во Македонија да влезат во македонскиот Устав, македонскиот Устав ќе мора да влезе и во бугарскиот. Бугарија да ја укине вештачката блокада за регистрација на македонските организации за спроведување на одлуките на Европскиот суд за човекови права со нивно регистрирање, порачуваат од ОМО Илинден, Здружение за заштита на основните граѓански права, Граѓанска иницијатива за признавање на македонското национално малцинство во Бугарија и заштита на правата на бугарските граѓани со македонска самосвест, Македонски клуб за етничка толеранција во Бугарија, „Народна волја“ и „Македонски глас“.

Слични содржини