Најмалку 10 работници, меѓу кои пет странски државјани, загинаа, а 35 се повредени во денешниот воздушен напад врз фабрика за бисквити во Триполи, соопшти претставникот на ОН за Либија Гашан Салам.
![]()
Тој ова го кажа на седница на Советот за безбедност, додавајќи дека најверојатно станува збор за воено злосторство.
Според него, најголем дел од убиените се мигранти, а две од жртвите се Либијци.
– Без разлика дали цел на нападот била фабриката или се работело за неселективен напад, тоа може да биде воено злосторство, рече Салам и ја обвини либиската Народна армија за предизвикување цивилни жртви, додавајќи дека армијата извршила повеќе од 800 напади со дронови.
Од друга страна, рече тој, Владата во Триполи извршила околу 240 напади.