„Манипулирањето со настаните од минатото преку растот на националистичкиот дискурс може да го оживее новиот конфликт меѓу Косово и Србија“, е заклучокот до кој дојде специјалниот известувач на Обединетите нации, Фабијан Салвиоли, по неговата посета на Косово и Србија овој месец, пренесува „Коха“.
Покрај недостигот на соработка во расветлувањето на судбината на исчезнатите од изминатата војна, во извештајот се посочува и „недостигот од кривично гонење на воените злосторници и глорификацијата на осудените со нивно поставување на високи раководни позиции“, пишуваат од весникот.
По посетите на Косово и Србија, специјалниот известувач Фабијан Салвиоли оцени дека „покрај дискурсот што не се разликува од повоениот, недостига и соработка меѓу двете страни во размената на информации за исчезнатите“.
– Специјалниот известувач е вознемирен од континуираната употреба во Косово и Србија на етноцентрични, националистички, еднострани или нецелосни наративи за конфликтот, во политиката, медиумите, културата и образованието. Манипулирањето со настаните од минатото и истовременото зајакнување на националистичките и етничките чувства од политички причини, дури и ако се чини дека обезбедува краткорочни политички придобивки за неговите поддржувачи и извршители, не само што е незаконско и спротивно на меѓународните стандарди, туку е и краткорочно. – се наведува во извештајот, со напомена дека овие слики, кои се несоодветни и пред се акти на јавна неодговорност, можат да доведат до повторување на насилството од минатото.
Наодите се за периодот од 22 ноември до 2 декември 2022 година, кога известувачот на ОН ги посети Косово и Србија.
За извештајот ќе се расправа во рамки на седниците на Советот за заштита на човековите права, од 11 септември до 6 октомври годинава.
Во документот подготвен за Генералното собрание на ОН, од властите во Србија и Косово беше побарано веднаш да престанат да поттикнуваат националистички и раздорни чувства преку нивните постапки.