Обединетите нации соопштија дека вчерашниот земјотрес со јачина од 7,8 степени според Рихтеровата скала што ја погоди јужна Турција е најсилниот во земјата во последните 80 години.
„Ова е најсилниот земјотрес регистриран во Турција од 1939 година“, се вели во извештајот објавен во понеделникот од Канцеларијата на ОН за координација на хуманитарни прашања (УНОКА), пренесува Си-Ен-Ен.
УНОКА соопшти дека тимовите за одговор при итни случаи од Обединетите нации за проценка и координација при катастрофи (УНДАК), Меѓународната советодавна група за пребарување и спасување (INSARAG) и тимови за итни медицински одговор на Светската здравствена организација (ЕМТ) се мобилизирани во Турција за да помогнат во хуманитарните напори.
„ОН и партнерите внимателно ја следат ситуацијата на теренот и работат на мобилизирање ресурси за итни случаи во регионот“, се наведува во извештајот.