Во последните неколку години, сè повеќе млади луѓе се дијагностицираат со колоректален карцином – нешто што беше ретко до неодамна. Доктор специјалист по гастроинтестинална онкологија, др. Паштун Каси наведува дека во изминатите две недели лекувале и 16-годишни пациенти.
„Ова се многу тешки разговори“, изјави тој за EatingWell. Поради овој вознемирувачки тренд, стручните упатства сега препорачуваат започнување со скрининг на 45-годишна возраст. Меѓу бројните фактори на ризик, консумирањето преработено месо се повеќе се споменува како еден од најзначајните фактори што придонесуваат за развојот на болеста, иако ризикот е зголемен и поради генетиката, дебелината, седечкиот начин на живот и други навики.
Преработеното месо денес вклучува голем број производи како што се сланина, хот-догови, колбаси и сувомеснато месо.
„Преработеното месо е месо кое е конзервирано со солење, сушење или додавање хемиски конзерванси“, објаснува нутриционистката Хана Далпијаз. Современите прехранбени производи често користат нитрати и нитрити, кои можат да создадат канцерогени соединенија за време на варењето.
Онкологот д-р Наџиб Ал Халак објаснува дека овие соединенија можат да предизвикаат оштетување на ДНК и да го поттикнат растот на туморот: „Во киселата средина на желудникот или цревата, особено во присуство на железо, се формираат соединенија кои се многу канцерогени, особено за цревата“.
Покрај тоа, ризикот се зголемува и со начинот на подготовка на месото – печењето на високи температури и скарата создаваат дополнителни штетни соединенија кои можат да ја оштетат слузницата и да ја зголемат можноста за мутации. Според Светската здравствена организација, дневното внесување од 50 грама преработено месо го зголемува ризикот од колоректален карцином за околу 18 проценти. „Тоа се неколку парчиња сланина, еден хот-дог или неколку парчиња шунка, во зависност од дебелината и брендот“, објаснува д-р Кеси.
Експертите нагласуваат дека повремената консумација не е нужно опасна, но дневната консумација може значително да го зголеми ризикот, особено кај луѓе со генетски предиспозиции.
„Ако е дел од вашата дневна исхрана, размислете за намалување и ограничување“, заклучува Далпијаз.