„Опасно е таму кај тебе кој сè во изолација“: Граѓаните со предрасуди кон заболените од Ковид 19

од Берта Китинска
257 прегледи

Се прашувате ли некогаш како се чувствуваат лицата заболени или носители на коронавирусот, или како им е на оние кои се во самоизолација или во државен карантин?

Со што се соочуваат тие и нивните семејства кои би можеле да бидат следни во низата? Насловите во медиумите се полни со информации (некогаш точни, некогаш лажни) само за оние кои ги прекршиле правилата за самоизолација, полицискиот час и слично, но ретко кој се прашува дали им треба помош, разговор или имаат некаква потреба лицата или семејствата коишто во најголем број ги почитуваале здравствените и мерките на државата.

Освен што се соочуваат со евентуално заболување, овие лица поради пандемијата и ограничувањата, не смеат да излегуваат никаде од својот дом ниту, пак, да се снабдат со основните продукти што им се потребни. Секој ден за нив е нов предизвик, од секаков аспект. Од здравствен, од психолошки, од социјален… Точно дека во јавноста се споделени телефонски броеви за психолошка помош, но дали секој се чувствува слободно да сподели нешто лично за себе и за својот живот со некој непознат од другата страна на телефонскиот апарат.

Деновиве повеќе лица кои беа инфицирани со коронавирусот, кои се во самоизолација, изолација, па дури и во државен карантин, излегоа во јавноста изнесувајќи ги своите приказни. Едно е заедничко дека вирусот е невидлив и дека речиси никогаш не знаеш кога можеш да заболиш.

А најголем дел од оние што се заболени вирусот го добиле несвесно, не сакајќи, некои дури и применувајќи ги сите препораки на здравствените власти. Оние, пак, кои се во самоизолација се нашле во таква ситуација бидејќи исто така не знаејќи, несвено се нашле во контакт со некој што најчесто не знаел дека е заболен или инфициран… И на крај од овој дел, лицата во државен карантин… Заминале секој од своја причина некаде далеку и сега кога светот се соочува со пандемија од Ковид-19, решаваат да се вратат дома или, пак, биле на пат за дома, па биле затекнати во некоја странска земја. Но, за да се вратат мора да поминат во карантин некаде во некој хотел, не знаејќи какви ќе бидат условите, не познавајќи ниту еден од луѓето околу себе… И тие како и овие другите се соочуваат со можноста да се разболат, но и се социјално „дисконектирани“ од семејството, кое е можеби само на неколку километри од нив.

Некој од нив утре можеби ќе стане секој од нас. Овие луѓе, кои се од сите професии, профили, возрасти, етнички припадности, од сите делови на земјата, богати или сиромашни, припадници на различни политички партии… заслужуваат многу поголема поддршка од сите нас. На социјалните мрежи, во телевизиските и медиумските прилози.

Страв, незнаење, предрасуди, стигматизација, дискриминација

Двајца возрасни скопјани застанати пред аптека разговараат колкумина во околината каде што живеат се во карантин или изолација и дали некој е заболен.

– Опасно е таму кај тебе, вели едниот. Вториот го прашува зошто и кој сè е во изолација или заболен, по што следуваа имиња на луѓе, описи на куќите или зградите каде што живеат.

Разговорот можеше убаво да се слушне бидејќи тие како и сите останати ја почитуваа препораката да стојат на оддалеченост од речиси два метра. Останатите што бевме во редот се погледнувавме меѓусебно. На моменти беше непријатно, бидејќи споменатите можат да бидат секој од нас, па дури и тие кои разговараа.

– Не можеш да ги запреш луѓето да зборуваат, се плашат, вели еден мој пријател.

Претседателката на Хелсиншкиот комитет Уранија Пировска во разговор за МИА истакнува дека државата со своите политики треба да им покаже на своите граѓани дека не треба да шират стигматизација и говор на омраза. Од друга страна, укажува и дека не можеме да се пожалиме на досегашните одлуки и мерки преземени од властите.

Хелсиншкиот комитет од самиот почеток на кризата укажува на важноста и значењето од почитување на човековите права во услови на вонредна состојба.

Народниот правобранител, пак, ја следи ситуацијата со лицата во државниот карантин и има испратено допис до Владата и е во постојани контакти со претставници на институциите следејќи ги условите во кои се сместени лицата во државен карантин и нивните права. Од канцеларијата на Народниот правобранител потсетуваат дека согласно Конвенцијата за заштита од тортура забранет е секаков вид нехумано и нечовечко постапување.

– Човековите права мора да се почитуваат, нагласуваат оттаму.

И покрај бројните укажувања дека заболените, оние што се во изолација, во самоизолација или во државен карантин не треба да се стигматизираат, се отиде дотаму што дел од имињата на заболени со Ковид-19 беа објавени на социјалните мрежи. Станува збор за лица од Куманово, а за случајот информираа неколку електронски медиуми.

Агенцијата за заштита на лични податоци (АЗЛП) минатата недела поднесе кривична пријава до надлежното обвинителство врз основа на член 149 од Кривичниот законик за злоупотреба на лични податоци, заради неовластено објавување списоци со наслов Коронавирус – КОВИД 19 на кои се објавени имиња, датум на раѓање и адреса на живеење. Согласно Законот за заштита на личните податоци обработката на податоци што се однесуваат на здравјето на луѓето е забранета.

– Ваквата обработка на личните податоци вклучително и фотографирање списоци со лични податоци на лица кои се инфицирани со коронавирусот или, пак, се во домашна изолација или во државен карантин, како и нивно објавување и какво било друго споделување без законска основа, претставува прекршување на одредбите од Законот за заштита на личните податоци, како и дека ваквиот начин на обработка на личните податоци претставува кривично дело „злоупотреба на лични податоци“ од член 149 од Кривичниот законик, за што е пропишана парична казна или казна затвор, се потенцира во соопштението.

Согласно Законот за заштита на личните податоци, обработката на податоци што се однесуваат на здравјето на луѓето е забранета, а може да се врши само во строго утврдени исклучоци согласно закон.

Од АЗЛП посочија дека исклучоците за обработка на овие податоци утврдени со закон не се однесуваат на јавно објавување на личните податоци за инфицирани лица или лица во самоизолација, па оттука секое објавување и споделување лични податоци од страна на неовластени лица, за лица заболени од коронавирус или лица кои се во домашна изолација или во државен карантин, претставува повреда на приватноста и на правото на заштита на личните податоци и подлежи на санкции согласно закон.

Засега нема информации дали е откриено лицето или лицата кои ги споделиле на социјалните мрежи овие податоци.

Реагираше и Мрежата за заштита од дискриминација, која апелираше и бараше од Владата и надлежните институции да преземат мерки за спречување на вознемирувањето и прекршувањето на човековите права на луѓето позитивни на Ковид-19 и на луѓето кај кои постои сомневање дека се позитивни на вирусот.

– Прво, покрај здравствено-економската криза, Законот за заштита на правата на пациентите го гарантира правото на доверливост на сите пациенти, што значи дека здравствениот персонал не смее да издава какви било податоци поврзани со здравствената состојба, помеѓу кои и статусот Ковид-19, на трети лица кои не се вклучени во лекувањето на пациентот и во професионалното следење на епидемијата. Медиумите, вклучително и интернет-порталите, имаат обврска да го почитуваат Законот за заштитата на личните податоци, а Агенцијата за заштита на личните податоци треба соодветно да постапува и да ги санкционира, потенцираа од Мрежата за заштита од дискриминација.

Со објавувањето на личните податоци на луѓето заболени од Ковид-19 или, пак, податоците на оние кај кои постои сомневање, како што посочија, се ризикува нивната безбедност и благосостојба.

– На овој начин, самите пациенти се изложуваат на јавен линч, се прогласуваат за опасни по јавното здравје, вината за инфицирањето се бара во нив, а тие се обележуваат како неодговорни, несовесни и опасни граѓани. Со обвинувањето на пациентите и јавното линчување поединци се креира стигма околу коронавирусот, а самите пациенти се изложуваат на вознемирување како форма на дискриминација, токму поради нивниот здравствен статус, наведуваат од Мрежата за заштита од дискриминација.

Воедно, потсетуваат дека со ова се прекршува и Законот за спречување и заштита од дискриминација, кој забранува дискриминација поради здравствен статус.

– Стигмата околу коронавирусот и стравот од реакцијата на околината се клучни фактори коишто ги оддалечуваат пациентите од здравствениот систем и од институциите кои се обидуваат да се справат со корона-пандемијата. Со други зборови, доколку постои ризик граѓаните кои се позитивни на корона да бидат јавно осудувани и прозивани, помала е веројатноста дека тие ќе сакаат да се тестираат, да се обидат да побараат помош од здравствениот сектор, да ги почитуваат мерките и да даваат искрени одговори за нивните контакти. Поради истите причини, воведувањето мерки како јавно објавување на имињата на носителите на вирусот се контрапродуктивни на напорите за надминување на кризата, се наведува во соопштението.

Прашањето што се поставува е кој е јавниот интерес да бидат објавени имињата на заболените, бидејќи таа информација не му користи на обичниот граѓанин, напротив, само предизвикува гнев, осуди и ризик од насилство и прекршување други права.

– Доколку сите ги почитуваме мерките за социјално дистанцирање и хигиена, без разлика дали имаме позитивен, негативен статус или не сме направиле тест за Ковид-19, можноста да се инфицираме без разлика дали сме биле во близина на заболено лице се намалува. Оттука, вниманието на медиумите и на јавноста треба да биде насочено кон спроведувањето и почитувањето на мерките, а не кон поединците коишто се позитивни на вирусот, потенцираа од Мрежата за заштита на дискириминација.

Слични содржини