Оперативниот план за вработување проектиран на две милијарди денари, ќе опфати над 15 000 невработени лица

од Vladimir Zorba
182 прегледи

Две милијарди денари за над 15 000 невработени лица се предвидени со годинашниот Оперативниот план за активни програми и мерки за вработување и услуги на пазарот на трудот. Како што беше речено на денешната промоција под мотото „Шанса за сите“, поддршката за отворање сопствен бизнис, како една од најбараните во Оперативниот план, ќе опфати околу 2 000 лица.

Во Оперативниот план се содржани и мерки за креирање нови работни места во микро, малите и средните претпријатија, како што се субвенции на плати и раст на правни субјекти, преку кои се планира да бидат директно вработени над 1 120 лица. Главен фокус ќе биде вработувањето на најранливите категории граѓани, долгорочно невработените млади лица, жените, Ромите,.., а преку посебен фонд е предвидена и поддршка за директно вработување на 150 лица со попреченост.

-Планот оваа година опфаќа 15 244 крајни корисници од кои 11 622 лица во мерки за вработување и 3 622 со услуги. Во креирањето на Оперативниот план главна цел е воспоставување функционална и флексибилна платформа за имплементација на мерки и услуги, при што ќе се понуди шанса за сите. Во дефинирањето на содржините, како општо правило се настојуваше да се постигне еднаква застапеност на мажи и жени, како и учество на младите лица до 29 години од најмалку 30 проценти. Ранливите категории на невработените лица останува уште еден од приоритетните цели на Оперативниот план, со што се потенцира општата заложба за еднакви можности за сите, рече министерот за труд и социјална политика во техничката Влада, Ѓоко Велковски.

Оваа година, додаде, посебен фокус ќе биде ставен на поддршката на развојот на домашните претпријатија, пред сѐ на микро, малите и средните бизниси, како и на обезбедување соодветна работна сила преку различните видови обуки во реални работни услови.

-Дигиталната трансформација и воведувањето нови зелени инвестиции, исто така се во фокусот на Оперативниот план за вработување, напомена министерот.

Според него, оние што треба реално да се вработат, од државата не добиваат секогаш можност. Поддршката за бизнис секторот не им овозможува на компаниите да им дадат доволно високи плати на младите, поради што многу од нив заминуваат од земјата, но ако се гледа статистички, веќе си одат и повозрасни лица поради можноста за повисоки примања, повисоки плати и поквалитетен начин на живеење.

Слични содржини