Рано утрово бил предизвикан пожар во приватен дуќан (фотокопирница) во сопственост на советникот во Советот на општина Куманово, Фитор Јакупи. Како што објави советникот, пожарот бил предизвикан од непознати лица околу 3 часот.
Причините за пожарот засега остануваат непознати, а истрагата е во тек. Причинета е материјална штета.
Јакупи доаѓа од редовите на опозициската ДУИ.
По тој повод се огласија од партијата на Али Ахмети. Информираат дека биле запалени и неколку автомобили. Од ДУИ се децидни дека ова „претставува горчлив доказ за духот на омраза и меѓуетнички поделби“.
-ДУИ повикува на итна интервенција од меѓународната заедница. Само меѓународен притисок може да ја запре оваа опасна спирала на насилство и омраза, која ја загрозува мирот и стабилноста во земјата.
Бараме овие напади веднаш да се истражат и сторителите да бидат изведени пред лицето на правдата. Секој ден одложување е покана за оние што шират омраза да продолжат со своите срамни дела. Албанците нема повеќе да молчат пред оваа неправда и ќе ги искористат сите демократски средства за да ги заштитат правата и достоинството на своите граѓани, стои во партиското соопштение.