Опожарено возилото на директорот на „Идризово“

од Nikola Popovski
253 прегледи

Рано утрово било опожарено возилото на директорот на КПУ Идризово, Зоран Јовановски. Немилиот настан се случил пред домот на директорот, во скопската населба Кисела Вода.

Екипа на Скопската противпожарна служба со неколку пожарникари учествувала во гаснењето. Нема повредени лица, освен предизвикана материјална штета.

Екипи на МВР извршиле увид на местото на настанот.

-На 15.05.2024 околу 03.35 часот во Полициската станица Кисела Вода во Скопје било пријавено дека на подрачје на Кисела Вода било опожарено паркирано патничко возило „фолксваген пасат“ со скопски регистарски ознаки, сопственост на Казнено – поправната установа Затвор Идризово, кое било паркирано од З.Ј.

Од пожарот бил зафатен дел и од фасада на зграда и предмети на балкони на долните катови од зградата. Се преземаат мерки за расчистување на случајот, соопштија од полицијата.

Лани во март, Владата го разреши тогашниот директор на затворот „Идризово“ Шпенд Тахири, а на негово место го назначи токму Јовановски. Разрешувањето на Тахири дојде во истиот ден откако беше обелоденето дека бил откриен тунел во затворот, ископан од осуденици, кои се подготвувале за бегство. Се наведе дека затворениците ископале 60 метри тунел и дека сето ова се правело во претходните 4-5 месеци.

Јовановски има завршено високо образование на Факултетот за безбедност и општествена самозаштита, ЦОК БОС Елисие Поповски, Скопје, а магистрирал на Филозофскиот факултет на универзитетот Св. Кирил и Методиј во Скопје. Според приложената биографија, има работно искуство во МВР, како командир на Единицата за специјални задачи, како заменик генерал на Полицијата, како шеф на Граничната полиција, како помошник директор на БЈБ. Учествувал и на бројни семинари во Луизијана, САД, Германија, Обединетото Кралство, во врска со техники на истражувања, криминалистички истраги.

Слични содржини