Тие предлози, преку посредници, до претседателот Пендаровски беа упатени од политички и безбедносни структури кои се блиски до актуелната опозиција, како и од поранешни политичари, стои во соопштението од Кабинетот на Пендаровски.

Претходно портпаролот на ВМРО-ДПМНЕ, Наум Стоилковски побара од претседателот Пендаровски да одговори кој од него барал амнестија на Груевски.

Пендаровски синоќа во емисијата „Трилинг“ рече дека бил консултиран пред 7-8 месеци на неформално ниво од „некои актери од политичката сцена“ за да го помилува Груевски, но категорично одбил. Според неговите зборови, „тој не е султан или монарх во државата“ и самиот да пресудува и решава што е право, а што не.

Коментарите на претседателот на државата и на портпаролот на ВМРО-ДПМНЕ доаѓаат откако беа донесени измени на Кривичниот законик со кои се намалуваат казните за одредени кривични дела за кои се гонети поранешни политичари.