Не можете вие да си припишувате заслуги за нешто што не е ваша заслуга. Не можете да се фалите со нивелирање шахти и чистење диви депонии, вели министерот за локална самоуправа, Горан Милевски за отчетот на сработеното на лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски во првите 100 дена од работата на градоначалниците кои доаѓаат од опозициската партија.
Според Милевски, не е поентата само да се исчисти депонијата.
-Треба да направите парк и простор каде што утре нема да му текне на некој да фрли ѓубре. Треба да им обезбедите на граѓаните кои да фрлат градежен шут, кои имаат кабаст отпад да има каде да го остават. Ако сето тоа е регулирано, никој нема да фрла на дива депонија, рече Милевски во емисијата „Утрински брифинг“, додавајќи дека не може да трпи неправди.
-Лошо изгледа кога манипулирате со јавноста, се китите со туѓи перја и потоа обвинувате дека струјата ви ја исклучиле на отчетот, потенцира министерот за локална самоуправа.