Општина Аеродром: И советник од СДСМ гласаше за поставување на Ќосето во Лисиче

од Nikola Popovski
197 прегледи

Општина Аеродром ја информира јавноста дека на седница на Советот на општината одржана на 04.04.2023 година, донесена е одлука за иницирање постапката до Собранието на Република Македонија за отстапување на споменикот на Андон Јанев – Ќосето и негово поставување во населбата во општина Аеродром.

-Точката беше ставена на дневен ред, како дополнителна точка на предлог на членовите на советот, а Одлуката беше донесена со поддршка на советниците на ВМРО ДПМНЕ, Левица, како и советник од советничката група на СДСМ. Имајќи предвид дека станува збор за одлука која сега е во надлежност на Собранието на Република Македонија, по целосното комплетирање, иницијативата која е усвоена од страна на членовите на советот на општина Аеродром, наскоро ќе биде доставена собранието. Крајната одлука за евентуално преземање на споменатиот споменик и понатамошно негово поставување во општина Аеродром ќе ја има оваа државна институција, појаснуваат од општината.

Според Левица, „Андон Лазов Јанев – Ќосето е македонски револуционер, современик и другар на Гоце Делчев и Јане Сандански кој пак е поврзан со Општина Аеродром“.

Градоначалничката на Град Скопје, Данела Арсовска минатиот месец испратила писмено барање потпишано од нејзе до Општина Центар да се даде согласност за почнување постапка согласно која би почнала процедурата за враќање на Ќосето на истата локација од која беше тргнат. Од таму одговорија дека барањето го доставила на погрешна адреса, односно дека треба да добие согласност од Собранието.

Споменикот на контроверзниот Андон Лазов-Ќосето (1855-1953), беше поставен пред судовите во 2014, кога градоначалникот беше Коце Трајановски. Ќосето е еден од петте споменици кои Град Скопје ги доби како донација од Здружението за духовно обединување на Сетинци, Попадинци и Крушоради од Лерин.

Со доаѓањето на функција на тогашниот градоначалник Петре Шилегов, споменикот беше отстранет оти било утврдено дека е дивоградба односно нема решение за негово поставување. Откако беше тргнат, споменикот беше однесен во магацин на „Металски завод-Тито“ во Скопје.

Слични содржини