Општина Берово ги слушна барањата на сопствениците на викендици во туристичката населба Суви Лаки

од Vlatko K
255 прегледи
 Сопствениците на викендици во туристичка населба Суви Лаки пред локалните власти, ги изнесоа проблемите поврзани со одржувањето на комуналниот ред и хигиена.’
На средбата, на која присуствуваше и градоначалникот Звонко Пекевски, како што информираат од општината, се разговарало и за проблемите со водоснабдувањето и уличното осветлување.
Дел од жителите на оваа населба бараат општинските власти да посветат поголема грижа за нивните барања.
-Проблемите кои ги имаме со урбанистичките планови како и проблемите со водоснабдување и осветлување на улиците се наши основни заложби кои не мачат години наназад. Од сите владеачки структури во изминатиот период имавме ветувања за решавање на овие проблеми, но само на хартија, на дело немаше никакви активности. Со оглед на ветувањата кои ги добивме од градоначалникот Звонко Пекевски, очекуваме конечно да се направи стратегија за проблемите во делот на комуналната хигиена и уличната инфраструктура, велат дел од сопствениците на викендици во Суви Лаки.
Меѓу првите активности кои ќе бидат преземени во наредниот период, од општината е најавено разгледување на можностите во следниот период да се утврди местоположбата за поставување на контејнери за смет и за поставување на осветлување на поголемите улици во населбата.
-Граѓаните изразија иницијатива и за изградба на пешачка патека, кое нешто ќе биде земено во предвид при планирање на идните активности во општина Берово. Во рок од месец дена ќе се реализира повторна средба, на која ќе се утврди динамика за реализација на договорените активности, велат од општината.
 
На средбата присуствуваа и раководни лица од ЈПКР ,,Услуга”- Берово, како и раководителот на одделението за урбанизам во општина Берово, со што присутните имаа детални објаснувања за идните активности во беровската туристичка населба.