Општина Карпош бара средба со Уставниот суд: Ниту една бензинска пумпа на територија на Град Скопје не се вцртала во ГУП со намена Е2

од Nikola Popovski
278 прегледи

Општина Карпош ќе побара од Уставниот суд средба за да се разјасни ситуацијата на лице место со докази, информираа денеска за „Локално“ од општината откако вчера Уставниот суд времено го суспендираше Деталниот урбанистички план (ДУП) за просторот кај спортскиот центар „Борис Трајковски“ спроти базенот „Младост“.

Општината ги коментира и пишувањата дека наводно спротивно на Генералниот урбанистички план планирале вцртување бензинска пумпа.

-Иксрено она што го слушнавме и прочитавме го примивме со резерва. Ова го велиме затоа што во ГУП-от не постои Е2 намена за бензински пумпи. Ниту една бензинска пумпа на територија на Град Скопје не се вцртала во ГУП со намена Е2, туку можноста да се утврди градежна парцела со намена бензинска пумпа стои во текстуалните одредби во членот 71 од генералниот план кој вели „долж примарната сообраќајна мрежа и долж сервисни улици може да се вцртаат бензински пумпи“, ни рекоа од општината предводена од градоначалникот Стевче Јакимовски.

Додаваат дека оствариле консултација со Министерството за транспорт и врски и со одговорните за урбанизам во Град Скопје.

Истите со неверување ја примија оваа вест со потврда дека овој урбанистички план е правен крајно внимателно со почитување на сите законски прописи и за истиот имаат ставено потписи преку 200 стручни лица. Длабоко сме убедени дека на заедничкиот состанок со претставниците на Уставниот суд ќе го разјасниме недоразбирањето, стои во соопштението од општина Карпош.

Со вчерашната одлука Уставниот суд изрази сомнеж во уставноста но и законитоста на Одлуката за ДУП со кој се предвидува изградба на бензинска пумпа спроти базенот „Младост” на дел од сообраќајната инфраструктура.

-Уставниот суд во оваа фаза оцени дека тој ДУП не е во согласност со ГУП на Град Скопје, нешто што е предвидено во содржината на Законот за просторно и урбанистичко планирање, но го оценува и како спротивен на владеењето на правото, соопштија од Уставниот суд.

Земјиштето за изградба на бензинската пумпа веќе е продадено на фирмата „Пуцко Петрол“.

Н.П.

Слични содржини