Градоначалникот на Општина Центар Саша Богдановиќ на денешната прес-конференција информираше дека неговата Општина предничи со остранување на дивоградби, посочувајќи дека за наредниот период се издвоени над 13 милиони денари за нов бран на такви зафати.
– Општина Центар предначи со отстранување на диви објекти. Имавме такви отстанувања изминатиот период и на кафулиња и на тераси, сега ќе имаме ново уривање и за тоа се одвоени преку 13 милиони денари и мислам дека тоа е рекорд. Нас ни е многу важно да има и правна завршница за тоа, мора некој да сноси одговорност, истакна градоначалникот, одговарајќи на новинарско прашање околу отстранувањето на дивоградбите во општина Центар.
Тој нагласи дека проблемот со дивите градби мора да биде решаван системски, бидејќи ниту една институција не може сама поединечно да го реши тоа.
– Ние веќе пристапуваме многу посериозно изминативе неколку години со тоа што веќе поднесуваме и кривични пријави и тоа ги стопира или ги плаши потенцијалните градители на дивоградби и веќе имаме резултати. Ќе има и уште поголем интензитет на тоа, рече Богдановиќ.
Во однос на отстранувањето на споменикот на Мајка Тереза, Богдановиќ посочи дека треба да се преземат низа активности со цел да се реши тоа.
– Таму има добиено одобрение и кога има добиено одобрение таа веќе има правна форма како градба. Барањето на начин е формално правно да се отстрани нешто што некој правно на див начин го направил, Треба да се преземат низа активности се со цел да се заврши, образложи градоначалникот.