Почетна / Македонија / Општина Центар поднела кривична за катната на „Никофон“, одговор од обвинителството нема

Општина Центар поднела кривична за катната на „Никофон“, одговор од обвинителството нема

Барокните катни гаражи предвидени во проектот на експремиерот Никола Груевски, „Скопје 2014“ и на месец и половина пред 2020 година ги кренаа центарци на протести. Оспоруваната, стопирана, ревидирана катна гаража на „Никофон“, од пред два дена може слободно да се гради. Градоначалникот на општина Центар, Саша Богдановиќ вчера излезе на протест заедно со жителите и го повика обвинителството да се освести и да преземе чекори со кои ќе се спречи градење на 29-метарска катна гаража кај „Авто Македонија“.

Местото каде треба да никне осумкатницата се чува од граѓаните, кои последен пат тука протестираа во 2015 година, а по барање на сегашниот сопственик на земјиштето, паркингот го чува и полиција.

Градоначалникот на општината, Саша Богдановиќ кажа дека освен кривичните пријави кои во 2015 година ги поднесоа граѓаните против ексминистерот за транспорт и врски, Миле Јанакиески, поранешниот градоначалник, Владимир Тодоровиќ и експремиерот Никола Груевски, кривична пријава за злоупотреба на службата должност поднела и Општина Центар пред неколку месеци, но одговор од Обвинителството за организиран криминал и корупција не добиле.

„На нас како општина ни е спорен самиот договор, самата јавна објава и лицитација. Согласно уредбата за продажба на јавно земјиште, цената се формира согласно намената. Тука имаме 70% компатибилно, односно, изградба на катна гаража и 30% изградба на деловен простор. Ако се земат цените од уредбата, треба да дојдете до некоја почетна цена од околу 5000 денари, а овде почетната цена е 1800 денари. Со самото тоа целиот јавен повик треба да биде ништовен и со тоа да нема договор, а со тоа паѓа и одобрението. Ние од кога го преземавме земјиштето, ги добивме и предметите кои беа веќе завршени и покренавме постапки за основано сомневање за оштетување на буџет и за злоупотреба на службена положба до Јавното обвинителство и чекам одговор“, вели Богдановиќ.

Во 2015 година, кога граѓаните поднесоа кривична пријава против поранешните функционери, рекоа дека се спремни да го обештетат инвеститорот и да ги исплатат парите, само да не се гради барокна гаража на тоа место.

Општина Центар тогаш со одлука на Советот забрани градежни активности на просторот кој се наоѓа меѓу улиците „Мито Хаџивасилев Јасмин“, „Кочо Рацин“, „11 Октомври“ и „Македонија“, одлука која дојде со цел цел да се преземе нешто за да се спречи изградбата на катна гаража на „Никофон“.

Под притисок на тогашната власт предводена од ВМРО-ДПМНЕ, државниот управен инспекторат го казни градоначалникот Андреј Жерновски со глоба од 7.500 евра за случајот со катната гаража, кој заедно со граѓаните се спротивстави на тоа место да никне уште еден барокен објект.

Местото за кое се бие битка да не никне барокната катна гаража во моментов е паркинг на жителите од тој дел на центарот на Скопје, кој е густо населен. Граѓаните очекуваат да се издејствува паркингот да остане недопрен, бидејќи деветкатницата ќе го загуши и онака малиот празен простор таму, но и поради фактот што на неколку метри од просторот веќе има изградена и функционална катна гаража.

loading...