Во просториите на Општина Центар денеска ќе се одржи јавна презентација на Предлог-деталниот урбанистички план за Мал ринг.
Од Општина Центар информираат дека вкупната површина опфатена со ДУП е 37,39 хектари.
Во пресрет на денешната презентација, вчера Асоцијацијата на архитекти на Македонија побара од градоначалникот на Општина Центар Саша Богдановиќ и претседателката на општинскиот совет Цветанка Симобовска да го повлечат и преработат Предлог – детaлниот урбанистички план. Според ААМ, станува збор за објекти и земјиште во државна сопственост и објекти кои во својата срж, во најмала рака се спорни, поради што сметаат дека за ваков предлог-план нема потреба од јавна презентација и јавна анкета пред спорните објекти да бидат исфрлени од планот.
Со предложениот план, велат од ААМ, се дава потврда и реафирмација на изградениот, но како што велат што е уште пострашно на неизградениот дел од проектот „Скопје2014“, од кој ова здружение се огради уште кога беше презентиран и бараше негова институционална ревизија.