Во претстојниот период најголем дел од општините низ целата држава треба да реализираат нови проекти, меѓу кои и изградбана нови спортски објекти, здравствени, но и образовни институции. Ова го предвидува одлуката која ја донесе Владата на седница на крајот од изминатата година.
Имено, Владата одлучи да пренамени буџетски средства во износ од две милијарди денари за реализација на 66 проекти во повеќе општини меѓу кои Град Скопје, Центар, Ѓорче Петров, Сарај, Аеродром, Охрид, Македонски Брод, Битола, Крива Паланка, Штип, Липково, Кичево, Валандово, Струмица, Росоман, Дојран, Берово, Делчево, Желино, Гостивар и други.
Од проектите во делот на патната инфраструктура, вкупно 360 милиони денари од Министерството за транспорт и врски ќе се доделат на Град Скопје за изградба на булевар „Хасан Приштина“ во населбата Визбегово. Со средства од Министерството за образование и наука пак, ќе се гради спортска сала во ОУ „Ванчо Николески“ во село Лескоец, Охрид, како и реконструкција и адаптација на простор за нова училишна зграда за потребите на ОУ „Кочо Рацин“ во Охрид.
Ќе се градат и нови градинки со средства од Министерството за труд и социјална политика кое меѓу другото, со износ од 60 милиони денари ќе ја поддржи изградбата на нова детска градинка со капацитет за 100 деца во рамките на ЈОУДГ „Росица“ во Стопански двор, Општина Ѓорче Петров.
„Во претстојниот процес на интегрирање во Европската Унија улогата на локалните власти станува сè поголема. Во услови на децентрализиран систем на управување на локално ниво ќе се имплементираат голем број закони, кои ќе инсистираат на повисоки стандарди на услуги, како, на пример, во областа на животната средина, во управувањето со отпадот. Општините ќе треба да покажат и поголема капацитетност во апсорпцијата на ИПА-средствата од Европската Унија“, посочи министерот Пенов.