СДСМ го почна, па го одложи партискиот отчетен Конгрес на којшто требаше да се анализираат причините за пораз на претседателските и на парламентарните избори. Официјално, општинските организации на СДСМ побараа време да го разгледаат обемниот извештај кој се однесува на парламентарните и претседателските избори.
-Предлогот беше поддржан од мнозинството присутни делегати со што се одлучи Конгресот да прекине со работа, да се даде време општинските организации да го анализираат Извештајот, да се произнесат и дадат свој придонес во конечната верзија со забелешки, сугестии и заклучоци.
Конгресот на СДСМ ќе продолжи откако општинските организации ќе се произнесат за Извештајот за претседателските и парламентарните избори а за терминот дополнително ќе биде утврден, информираа од СДСМ.
Ова се случува на точно три недели до изборот на нов претседател и ново раководство на партијата, откако сите ги депонираа своите оставки по катастрофалниот изборен резултат.
На интернет-страницата на партијата веќе се објавени програмите на Филипче, Петровска, Деспотовски и Бајдевски. Според жрепката под број 1 ќе биде кандидатот Венко Филипче, број 2 Александар Бајдевски, број 3 Јован Деспотовски, број 4 Славјанка Петровска.
Комисијата констатира дека кандидатурата на Златко Ристевски од Битола не може да биде потврдена поради неисполнување на критериумите пропишани со Статутот и правилникот.
Претстојните избори ќе бидат трети внатрепартиски избори на кои претседателот на СДСМ ќе се бира со непосредно гласање на членството. По нивното воведување, првите се одржаа во март 2021 година кога екс-лидерот Зоран Заев доби нов мандат. Меѓутоа, за помалку од една година следуваа и вторите на кои победи Ковачевски откако токму Заев поднесе оставка по поразот на локалните избори во октомври 2021 година.
Партијата која беше на власт во последните речиси седум години, на изборите доживеа пораз и освои само 18 пратенички мандат.