Оптимизмот на руските компании по изборите во САД

од desk3
82 прегледи

 

Гласот на Америка – Вашингтон

Изборот на Доналд Трамп за претседател на Соединетите Американски Држави ги зголеми надежите во Русија за подобрување на односите, кои би можеле да помогнат во инвестициите и трговијата, посебно ако се намалат западните санкции воведени поради анексијата на Крим.

Американските и руските компании во московскиот индустриски парк Технополис, на кој поддршка пружа владата, внимателно се оптимисти во поглед на деловните изгледи.

 

Ако западните санкции се намалат, една растечка млада компанија укажува дека нејзиниот софтвер за 3D скенирање ќе добие поттик на домашниот пазар: „Ќе бидат достапни повеќе финансии за компаниите и тие би биле во можност да трошат на нови технологии и да преземаат поголем ризик со новите технологии како нашата што значи дека би дошло до зголемување на продажбата” – вели Сергеј Климентијев, директор за деловен развој на компанијата „Тексел”.

Од друга страна, ако руската валута рубљата зајакне, тогаш на извозот ќе се нанесе штета.

„Тоа би значело дека цената на нашите производи би пораснала и дека ние би биле помалку конкурентни на пример во однос на кинеските компании” – истакнува Климентијев.

Слабата посета кај Технополис на Вториот руски извозен и инвестициски саем не го намали оптимизмот. Американската компанија Неофотоникс е партнер со руската државна корпорација за нанотехнологија Руснано, во производство на компоненти за брза комуникациска мрежа. Наспроти санкциите и влошувањето на економијата тие се убедени дека бизнисите во Русија се менуваат на подобро и разгледуваат проширување:

„Соработката и деловната активност на рускиот пазар се огромна бенефиција за меѓународните компании. Не само американските, туку и европските”, смета Дмитриј Моргун, директор на производниот сектор на компанијата „Неофотоникс”.

Дури и ако западните санкции против Русија се укинат, велат аналитичарите, тоа би бил постепен процес за кој Кремељ треба да ги подобри односите со Украина. Во меѓувреме, руската економија, со оглед дека зависи од извозот на суровини, е ранлива на ниските цени на нафтата.

„Затоа се потребни сериозни реформи. И тука лежи проблемот. Реформите треба да бидат и политички и економски” – оценува Михаил Суботин од Институтот Рас за меѓународни односи и светска економија.
Недостигот на политичка волја и тензиите со Западот значат дека повеќе е веројатно дека ќе се продолжи примената на санкциите или дека тие дури и ќе бидат заострени./MИА