Софија не го повлече ветото , а Европската Унија не успеа да ја спроведе сопствената одлука од месец март и повторно ѝ ги затвори портите на С.Македонија за почеток на преговорите.
Блокадата на Северна Македонија е „тешка политичка грешка“.
Германија останува на ставот дека е Само прашање на време кога Северна Македонија ќе ги започне преговорите за членство во ЕУ, вели германскиот министер за Европа Михаел Рот кој порача дека нема причина да се бара „план Б“.
„Една единствена земја-членка не се согласуваше со Преговарачката рамка која мора да ја одобрат сите членки, но и земјата кандидат. Сигурен сум дека и по овој удар, нашите партнери во Скопје нема да се обесхрабрат. Независно од оваа одлука сигурен сум дека ќе продолжат со реформите.”Тој изјави дека блокадата на Северна Македонија е „тешка политичка грешка“.
Ветото на Република Бугарија е неодговорна геостратешка грешка
Од Владата соопштија дека ветото на Република Бугарија е неодговорна геостратешка грешка бидејќимакедонската иднина е европска. Идентитетот и јазикот не се и нема да идат предмет на преговори, а Северна Македонијаима резултати и капацитети, потврдени со мартовското „зелено светло“ за страт на преговорите.
„Македонскиот национален идентитет не беше, не е и невозможно е да биде предмет на преговори. Македонскиот народ и македонскиот јазик се столбовите на македонскиот идентитет. Тие доаѓаат од минатото, а во исто време се столбови на нашата европска иднина. За жал, процесот на проширување како стратешка цел на ЕУ го запре Република Бугарија како членка на ЕУ. Станува збор за неодговорна и тешка геостратешка грешка. Неодобрувањето на преговарачката рамка е на штета на фундаменталните принципи и вредности на Европската Унија“, стои во официјалното соопштение на Владата.
Ветото на Бугарија не е ништо ново
Имаме уште два дена, кога е состанокот на шефовите на држави и влади во Брисел, но досега нема пробив во разговорите на работните групи на двете министерства, изјави шефот на државата Стево Пендаровски.
„Станува збор за едно вето да го наречам во континуитет. Се разбира никој од нас не очекуваше дека и до крај ќе опстои тоа како вето. Се разбира имаме и уште два дена, јас мислам во четврток во 15 часот по бриселско време почнува состанокот на шефовите на држави и влади, но од она што досега се знае практично пробив нема во тие билатерални разговори кои ги водат работните групи на двете министерства за надворешни работи“, изјави претседателот Пендаровски вечерва во гостување на Дневникот на Сител.
Во преговорите има доза на патернализам
Копретседавачот на македонско-бугарската историска комисија Драги Ѓорѓиев, во „Клик Плус“ на ТВ21 рече дека во преговорите за наоѓање заедничко решение за споровите, од Бугарија има една доза на патернализам, односно барања Македонија да се усогласи со ставовите на Бугарија, и дека другата страна има тон на обвинување.
„Се појави на виделина дека не можеме да се усогласиме и дека имаме различни теоретски пристапи, тие започнаа со еден таков тон на обвинување дека ние постојано не сакаме да се усогласиме со некои работи, без притоа да земат во предвид дека пристапот е различен“.
Ова е голем удар за европската политика кон Балканот
Ова е голем удар за европската политика кон Балканот, оценува вицепремиерот за европски прашања Никола Димитров, кој додава дека и покрај се остануваме во процесот на преговори со Бугарија.
„Ќе продолжиме да разговараме со соседна Бугарија и ќе продолжиме да ги убедуваме дека не може правото на самоопределување да биде пречка за европски интеграции или за добрососедство. Германското претседателство силно турка напред за ова да успее, меѓу другото верувајќи дека процесот на европеизација на Балканот е важен за ЕУ и во безбедносна смисла и во политичка смисла и во економска смисла и ние тоа високо го цениме“, посочи Никола Димитров.