Орбан: Ослободувањето на косовските полицајци е доказ за стратешката соработка меѓу Србија и Унгарија

од Stefanija Kuzmanovska

Унгарскиот премиер Виктор Орбан изјави дека Будимпешта многу го цени укинувањето на притворот на тројцата косовски полицајци во Србија, наведувајќи дека оваа одлука е јасен доказ за стратешката соработка меѓу двете земји и нивната заедничка посветеност на мирот и стабилноста на Балканот.

Орбан, кој за време на минатонеделната посета на Србија побара од српскиот претседател Александар Вучиќ да ги ослободи косовските полицајци уапсени на 14 јуни, на Твитер објави дека српскиот лидер го информирал дека тие наскоро ќе бидат ослободени.

„Претседателот на Србија, Александар Вучиќ, штотуку ме информираше дека, согласно барањето на нашата минатонеделна средба, српските власти наскоро ќе ги ослободат од притвор тројцата уапсени косовски полицајци. Ние многу го цениме чекорот што го направи претседателот Вучиќ во период на сериозни предизвици. Таа одлука е јасен доказ за стратешката соработка на нашите земји“, наведе Орбан.

Високиот суд во Краљево денеска соопшти дека предистражниот совет им го укинал притворот на косовските полицајци, но го потврдил обвинението против нив.

Косовските полицајци, на кои првично им беше одредена мерка притвор во траење од 30 дена, беа обвинети за недозволено изработување, држење, носење и тргување со оружје и експлозивни материјали.

Слични содржини