Организација на потрошувачи: Листата на поскапени производи итно да се ревидира

од Vladimir Zorba
370 прегледи

Организацијата на потрошувачите бара итно ревидирање на листата на прехрамбени производи кои од денеска добија нова продажна цена.

Одлуката со 10 % повисока стапка да  се оданочи на пример замрзната риба, млечни и сирни намази, сирења и урда но и детската храна, според нив индицира брза реакција и брзо преиспитување од страна на Владата.

„Дел од производите кои се ставени на оваа листа според нас не се луксузни производи, како што е да речеме храната за деца, одредени млечни и месни производи кои секојдневно ги употребуваме.Доколку не се коригира оваа листа којашто е моментално предвидена, сметаме дека тоа ќе биде нов ценовен удар за потрошувачите, бидејки цената на храната веќе и онака е зголемена, па ова зголемување ќе влијае негативно на животниот стандард на граѓаните. Потрошувачите ќе се доведат во неповолна состојба, ускратувајќи им го правото на избор на разновидни производи по пристапна цена“, велат за Локално од ОПМ.   

По силните реакации на новите цени во јавноста, вицепремиерот Фатмир Битиќи не ја исклучи можноста дека се работи за пропуст и дека за дестина производи, како што рече , не е проблем да се направи измена на цената и тоа веќе на следната владина седница. Не сакајќи да дефинира што е луксузна храна, според него чипсот, гумите за џвакање , сладоледот спаѓаат во категоријата нездрава храна  и не претставуваат основен прехрамбен производ.

На листата производи кои од денеска имаат повисока цена, се лутеницата, цвеклото, мајонезот и феферонките, апетисани и конзервирани производи, гриз, овесни снегулки, мусли, сладолед, бомбони, чаеви, сушено овошје, наполитанки, зачини, сончоглед…

Кога Владата ја донесе Одлуката за зголемување на стапката за ДДВ од 5 на 10 % најави дека ќе поскапат само оние производи кои ретко се конзумираат и дека ваквата мерка нема да удри врз џебот на граѓаните.

К.В.С.

Слични содржини