Претседателот на Организацијата на воени ветерани на ОВК, Хисни Гуцати изјави дека организациите произлезени од ОВК подготвиле сè за протестот за поддршка на нивните поранешни водачи, кој ќе се одржи на плоштадот „Скендербег“ во Скопјe на 13 декември, за кој најави дека ќе биде мирен и нема да провоцира.
Гуцати рекол дека е добиена дозвола од мaкедонската држава за организирање на, како што рече, мирен протест, но дека не добил поддршка од косовските институции, како за време на сите претходни четири протести – во Хаг, Приштина, Стразбур и Тирана, пренесе приштинска „Коха“.
Гуцати истакнал дека нивното барање било да нема присутни полицајци од српска националност на границата на денот на протестот.
„Не, не верувам дека не разбираат дека мирот треба да владее насекаде. Македонците и Албанците се државотворци на Северна Македонија. Тие ја презедоа безбедноста, но се надевам дека границата ќе биде отворена. Моето барање беше српските граничари да не бидат на границата, и тоа ми беше ветено“, рекол Гуцати.
Во врска со изјавата на премиерот Мицкоски дека Владата во Скопјe не го поддржува тој протест и дека лидерот на опозициската ДУИ, Али Ахмети, кој го најави митингот, направил погрешен потег, Гуцати порачал дека „тие само го зголемиле интересот на Албанците за учество во протестот“.
„Албанците се малку иритирани, но благодарност до Мицкоски што ги охрабри да излезат и да ни се придружат“, додал Гуцати и нагласил дека протестот нема да предизвика конфликтни ситуации.
Тој порачал дека не добил поддршка од косовските институции, но дека соработувал со албанските политички партии со ограничена поддршка од странство.
„Косовските институции не нè поддржаа на овој протест, ниту во минатото. Политичките партии излегоа и нè поддржаа, додека имаше мала поддршка и одреден отпор од албанската влада“, рекол Гуцати.
Протестот е најавен за во сабота од 13:00 часот на плоштадот „Скендербег“ се карактеризира како регионален собир на кој ќе се побара ослободување на поранешните лидери на Ослободителната војска на Косово (ОВК) – Хашим Тачи, Кадри Весели и други притворени од Специјализираните совети во Хаг. Организаторите најавуваат мирен протест и велат дека целта е „побарување правда“ за, како што тврдат, неправедно притворените.