„Оштетени штедачи обелоденија“: Ова се дел од фирмите кои земале кредити без покритие

Денес повторно преку соопштение, се огласи Здружението на оштетени шредаци на Еуростандард Банка кое излезе со бројка од 149 фирми кои имале неисплатени кредити со вкупна вредност од 55 милиони евра, и тоа на денот кога банката е затворена.

Фирмите уште еднаш потенцираат од здружението, не ги плаќале ратите на кредитите, а нивното обезбедување било далеку под износот на кредитот кој им бил даден од страна на Еуростандард Банка.

Дел од фирмите доцнеле со денови, односно со неколку стотици или понекогаш и над 1300 дена. Исто така како што потенцираа и претходно, пострашниот факт е што најголем број од фирмите имаат обезбедување во станбен и деловен простор, опрема, моторни возила, залог на трговска стока или земјоделско земјиште чиишто проценети вредности најчесто се движат од 5 до 50 отсто од износот на кредитот.

Кредитите на околу 60 фирми, како што се посочува во соопштението, бил покриени само со меници.

Вината за ова, според здружението на оштетени штедачи, е во раководните лица на банката и во Народната банка.

„Резултатот од таквото однесување е познат денес. Во сред пандемија, голема здравствена и економска криза, криминалците од банката помогнати од замижувањето и неделувањето на Народна банка за време на нејзините вршени контроли почнувајќи од 2013 година па наваму, не оставија без нашиот личен капитал, имот, сигурност, здравје, живот, сегашност и иднина“, се вели во соопштението и се додава дека се работи за над 700 физички лица кои загубиле повеќе од 24 милиони евра.

Според извештајот од стечајот на банката подготвен од стечајниот управник Душко Тодевски, во такви фирми со поголеми разлики меѓу износот на кредитите и делумното обезбедување се вбројуваат: Екопластик Рисајклинг доо од Скопје (доцни со исплата 803 дена), Југотрејдинг ДН дооел од Струмица (доцни со исплата 363 дена), Багкоп (доцни со исплата 438 дена), Повардарие Шпедиција доо од Неготино (доцни со исплата 864 дена), Ено-Мак дооел од Скопје (доцни со исплата 742 дена), Агромел БВ дооел од Струмица (доцни со исплата 985 дена), Електро-спој дооел од Скопје (доцни со исплата 923 дена) и други.

Воедно, има и околу 60 фирми чиишто земени кредити се покриени единствено со меници како обезбедување, а има и кредити кои немаат никакво обезбедување. Според извештајот на стечајниот управник, такви фирми се: Атв Зеус (доцни со исплата 409 дена), Тете-Ем дооел (доцни со исплата 438 дена), Пинк Флај дооел од Струмица (доцни со исплата 438 дена), Јанев Трејд дооел од Струмица (доцни со исплата 438 дена), Зои Пер Компани дооел од Скопје (доцни со исплата 347 дена), Фероспектар (доцни со исплата 279 дена), Бартон дооел од Кавадарци (доцни со исплата 742 дена), Фероцем Плус дооел од Струмица (доцни со исплата 348 дена), ТП Конта План ХТЦ од Струмица (доцни со исплата 742 дена), Балкан Метал дооел од Скопје (доцни со исплата 530 дена), ТРД ТВ-Канал Вис од Струмица (доцни со исплата 620 дена) и други.

Вообичаено, банките бараат вредноста на обезбедувањето да биде повисока од износот на кредитот. Во нашата пракса најчесто покриеноста на кредитот со обезбедувањето е најмалку 120% па нагоре, зависно од видот на обезбедување. Тоа значи приложено обезбедување во износ од 120 илјади евра во парични средства може да покрие кредит најмногу во износ до 100 илјади евра.

Слични содржини