Поминаа повеќе од пет месеци од затворањето на Еуростандард банка. Околу 3.000 семејства останаа без своите лични заштеди и средства на тековни сметки како резултат на повеќегодишен континуиран и толериран грабеж на нивните депозити во банката. Минато време во немир, неизвесност и агонија, но истовремено и надеж и верба дека оваа неправда мора да се реши и парите на оштетените депоненти да им се вратат.
Оштетените физички и правни лица доверители на банката во стечај, во минатиот период се обратија до Владата и надлежните државни институции за решавање на ова горливо и мачно прашање, но вратите им останаа затворени. За цело ова време се трпат големи штети. Нормалниот живот на граѓаните и фирмите депоненти во банката целосно се промени по сознанието дека покрадените пари е тешко да се вратат поради толерираниот масовен грабеж во банката, а уште повеќе од фактот што државниот Фонд за осигурување на депозити е првиот доверител во редот за исплата од стечајната маса до неговата целосна сума. Оваа неправедна, дискриминирачка, незаконска и неуставна одредба дефинирана во Законот за банки во однос на Фондот за осигурување на депозити ги става во подредена позиција сите останати доверители и им нанесува ненадоместлива штета. Депонентите на Еуростандард банка прво беа покрадени со затворање на банката, а сега сите доверители по втор пат се крадат од Фондот за осигурување на депозити во стечајната постапка. Тие предлагаат Фондот за осигурување на депозити да го промени називот во „Фонд за оштетување на доверители” во стечајна постапка. Или како втор предлог, Фонд за осигурување на депозити во иднина да не постои, бидејќи само во тој случај сите доверители во стечајната постапка ќе бидат еднакви со ист ред на намирување на парични побарувања согласно Законот за стечај, а не како сега доверителите да бидат дискриминирани во однос на Фондот.
Така излажани и изманипулирани, оштетените депоненти се обраќаат до Уставниот суд со барање да итно решава по поднесената иницијатива од Адвокатското друштво „Кузмановски” од 28 октомври минатата година, за оценување на законитоста и уставноста на член 163 став 3 од Законот за банки, со очекување за негово укинување. Со тој чин, ќе се отстрани нееднаквоста и дискриминацијата на сите останати доверители во однос на Фондот за осигурување на депозити и воедно ќе се овозможи да сите доверители, физички и правни лица, добијат шанса да барем делумно ги повратат своите депозити преку стечајната постапка.
За да се намалат страдањата и да се избегнат можни трагедии на цели семејства како дел од обичниот народ во оваа земја како и фирми кои се соочуваат со тешки предизвици во работењето со оглед дека и нивните средства се заробени во банката, апелираме до Уставниот суд да што поскоро одлучува и ја донесе конечната одлука по поднесената иницијатива. Што поитно се одлучи, штетата ќе биде помала по оние кои немаат никаква вина за грабежот во банката, а ги довериле своите тешко заработени лични средства во финансиска институција регулирана и контролирана од Народна банка.
Со носење на правична одлука од страна на Уставниот Суд ќе значи дека во државата се уште се применува начелото на владеење на правото и начелото на еднаквост на сите странки во стечајната постапка. На тој начин, Уставниот суд ќе помогне во намалување на и онака големите штети на доверителите, не само материјални туку пред и се здравствени. Затоа, бараме и очекуваме уставните судии да одлучуваат приоритетно по ова горливо прашање. Веруваме во правдата која ја очекуваме да дојде многу скоро и да ни помогне да ја надминеме, барем делумно, оваа наша тешка агонија и неизвесност!