Претседателката на Косово, Вјоса Османи, го обвини високиот претставник на Европската унија за надворешна политика и безбедност, Жозеп Борел за пристрасност, пренесува порталот „Репортери“.
„Ако Борел ги почитувал основните принципи на неутралност, наместо да го обвинува Косово, на Србија ќе и споменел некој од прекршените бриселски договори“, наведе Османи на својот Фејсбук профил.
„Она што денеска го видовме од Борел е дека тој беше јасно пристрасен, застана на страната на агресорот и презентираше целосно искривена реалност“, напиша Османи.
Таа додаде дека Косово никогаш нема да се откаже од јасната цел за долгорочен мир и стабилност, како и од законот и редот на целата нејзина територија.
„Не може да се постигне мир и стабилност со прилагодување кон оние кои имаат хегемонистички амбиции“, рече Османи, пренесе „Косово онлајн“.