Голема неправда и историска грешка одлуката на Европскиот совет да не и додели датум за почеток на преговори на земјава, рече вицепремиерот за европски прашања Бујар Османи во својот говор пред пратениците на Комисијата за европски прашања.
„Со одлуката на Европскиот совет од јуни 2018 го почнавме објаснувачкиот скрининг, што е задолжителен пред почетокот на преговори. Сите овие настани не охрабрија дека ќе добиеме датум, но оваа седница не е свикана за да си честитаме. Да немаме дилеми неможноста на ЕС да донесе одлука и да не постигне консензус е неправда и историска грешка“, рече Османи.
Тој додаде дека и покрај сегашната состојба, Република Северна Македонија е навистина пример на Балканот за тоа како се гради функционална мултиетничка демократија.
„Во држвата има функционална мултиетничка демократија со почитување на европските принципи на еднаквост, на солидарност, на компромиси, земја која како ретко која друга може да се пофали дека на правилен начин ги затвори сите поголеми отворени политички прашања, независно дали се тоа односите со соседите или внатрешните односи меѓу различните етнички заедници, меѓу различните политички, социјални или општествени целини“, додаде Османи.
Вицепремиерот истакна дека поканата за членството во НАТО, но и брзата ратификација од земјите – членки на алијансата која се одвива во текот на целиот овој период, претставува јасна порака од европските и светските пријатели дека Северна Македонија е на вистинскиот пат, дека претставува дел од семејството на западните држави, и дека со право се надева на членство во сите мултилатерални организации кои припаѓаат на западната цивилизација.
„Чувството на изневереност од страна на ЕУ не смее да нѐ оддалечи од европските вредности, не смее да нѐ оддалечи од патот на реформите, од патот на создавање пријатели од своите соседи, од патот на создавањето на функционално мултиетничко општество, од патот да создавање европска држава, по европски правила, стандарди и вредности, бидејќи нашиот пат бил, нашиот единствен пат е, и останува да биде европската перспектива и од тоа отстапување нема“, посочи Османи во обраќањето.
Фото: Борче Поповски