Османи го обвини Костадиновски за шовинизам по одлуката за „Безбеден град“

Мнозинството уставни судии го прифатија извештајот дека не е нарушена уставноста ако пораките не се испратат на албански јазик оти се почитува Законот за употреба на јазиците

од Nikola Popovski
15 прегледи Фото: Фејсбук/Бујар Османи

Не престануваат реакциите на партиите од албанскиот блок по последните изјави на претседателот на Уставниот суд, Дарко Костадиновски. Тие следуваат по неговиот став на седницата на Уставниот суд за иницијативите за Законот за прекршоци дека пораките за прекршоци треба да бидат на македонски и на англиски, но не и на албански јазик.

Потпретседателот на ДУИ, Бујар Османи бара од претседателот на Уставниот треба веднаш да поднесе оставка.

„Со своите последни изјави тој го загуби секој кредибилитет да раководи дури и со најмалата институција во една мултиетничка држава, а камоли со институцијата што треба да биде гарант на Уставот и на еднаквоста. Шовинизмот не може да се толерира на чело на државните институции. Ако не се пресече во самиот зачеток, утре може да биде предоцна“, стои во објавата на Османи.

Костадиновски вчера рече дека пораките што граѓаните ги добиваат за сторен прекршок треба да бидат на македонски, бидејќи тоа е службен јазик во државата. Тој не се согласува со подносителите на иницијативите дека со тоа што во Законот не е наведен албанскиот јазик се ускратува правото на негова употреба.

Денеска со реакција излезе и коалицијата која е дел од власта, ВЛЕН. Ги обвини претходните политички елити за „неодговорност и манипулации“, тврдејќи дека оставиле еродиран систем и лажно се фалеле дека ги затвориле прашањата за Албанците додека се богателе.

Вчера на седницата, уставните судии се поделија за испитување на уставноста на измените на законот за прекршоци во делот на пораки на албански јазик, поседување на мобилни телефони или емајлови, покриеност на целата територија и заштита на личните податоци.

Мнозинството судии го прифатија извештајот на известителот судија дека не е нарушена уставноста ако пораките не се испратат на албански јазик оти се почитува законот за употреба на јазиците. Велат дека секој има мобилен или интернет врска и системот по Скопје, Тетово и Куманово ќе се прошири низ целата држава.

Слични содржини