Османи: Граѓанска петиција е најдобриот начин да се иницираат нови избори на северот

од Stefanija Kuzmanovska

Претседателката на Косово, Вјоса Османи, изјави за „Ројтерс“ дека петицијата потпишана од 20 отсто од гласачите ќе биде најдемократскиот начин да се иницираат нови избори во општините на северот.

„На овој начин мислам дека би обезбедиле учество на Србите бидејќи првичното барање би дошло од нив, од граѓаните“, рече Османи.

Османи рече дека смената на градоначалникот со гласачка петиција ќе биде „еден вид референдум“ што ќе го отвори патот за одржување избори за нови градоначалници. Таа рече дека целиот процес може да биде завршен за неколку месеци.

Таа додаде дека пред да распише нови избори, на Косово ќе му требаат гаранции од меѓународната заедница дека Белград нема да се меша во нив.

Зборувајќи за присуството на КФОР на Косово, Османи рече дека сака мировните сили на НАТО да останат додека Косово не биде прифатено во алијансата.

Коментирајќи ја неодамнешната средба со српскиот претседател Александар Вучиќ во Молдавија организирана од францускиот претседател Емануел Макрон и германскиот канцелар Олаф Шолц, Османи рече дека Вучиќ „повторно се обидел да создаде многу драма, но не дал идеи кои ќе придонесат за мир и стабилност во регионот“.

„Вучиќ е вистинскиот крал на драмата на повеќето состаноци. Сака да се преправа дека прави големи отстапки, дека има преголем притисок врз него, дека е во опасност и сето тоа“, рече Османи.

Слични содржини