Кандидатот на ДУИ за Општина Чаир, Бујар Османи, изјави дека ВМРО-ДПМНЕ, гледајќи дека ДУИ е посилна од ВЛЕН, испраќа емисари со цел да ги стопли односите за идна соработка во Владата, јави Алсат-М.
Реакцијата на ВМРО-ДПМНЕ беше експресна. Според партијата на Христијан Мицкоски, ДУИ му ветува на очајното членство влез во Владата, за да го сокрие криминалот и корупцијата.
ВМРО ДПМНЕ:
„На Бујар Османи или не му било кажано, или не сака да се потсети на времето кога преговарачкиот тим на ДУИ оставаше празен лист пред ВМРО-ДПМНЕ, подготвен да го исполни секое барање само за да остане во владата која беше поразена на изборите. Тогаш не звучеа така храбро првенците на ДУИ кои сега силно се удираат во гради“, реагираше ВМРО-ДПМНЕ.
Коментирајќи ја изјавата на Османи, Изет Меџити од Влен истакна дека неговиот противник се повикува на лажни анкети и шифрирани пораки кои само тој ги знае.
„Немајќи визија како да го води Чаир, со тоа што е салонски политичар секогаш се базира на Борел, Лајчак, на пораките што му доаѓаат и не ги кажува. Знаете дека во минатото имало случаи со шифрирани пораки што само тој ги знае. Тие продолжуваат со лажни анкети, не откривајќи ги агенциите, ќе продолжат со „лажна“ кампања бидејќи така се навикнати“, рече Меџити, пренесе Алсат-М.