Османи: Не можеме да дозволиме или да признаеме територијално освојување и промена на границите со војна

од Vladimir Zorba
90 прегледи

Министерот за надворешни работи, Бујар Османи одржа предавање на Колеџот на Европа во кампусот Натолин во Варшава, следствено по учеството на Министерскиот состанок на ОБСЕ во Лоѓ и симболичното предавање на претседавањето со Организацијата на нашата држава за 2023 година.

Осврнувајќи се на руската агресивна војна против Украина, која е во фокусот на нашето претседавање со ОБСЕ идната година, министерот Османи говореше за заедничката посветеност на Евро-атлантската кауза – каузата на безбедност, слобода, демократија и еднаквост – и силната решеност, спротивно од очекувањата, да застанеме во одбрана на истата, и покрај обидите да биде скршена со демагогија, лажни наративи или хибридни закани.

„Нема место за агресија во Европа во 21-от век. Не, по она што сите ние, европските народи, го издржавме и низ кое поминавме во минатиот век: две разорни војни, поделби, страв од нуклеарен Армагедон и генерации изгубени во идеолошката магла што го покрива тоталитарното владеење над источниот дел на нашиот континент. Не, по падот на Берлинскиот ѕид, повторното обединување на голем дел од Европа и усвојувањето на Париската повелба која само ги потврди, во новиот дух на соработка и конструктивност, принципите на Завршниот акт од Хелсинки, веќе договорени за време на Студената војна. Не, покрај се што направивме како инвестиција во мир, стабилност, демократски развој и поредок заснован на владеење на правото, човековите права, социјалната правда и просперитетот за сите”, истакна Османи.

Зборувајќи за нашите приоритети како следен претседавач со ОБСЕ, Османи подвлече дека ќе се обидеме да изнајдеме начини за зајакнување на ОБСЕ, без да штедиме енергија или време за да ја направиме Организацијата да одговара на нејзината цел и да ја зајакне својата важност во денешниот сложен геополитички контекст. Но како што рече Османи „ за суверенитетот на државите, неповредливоста на меѓународно признатите граници, почитувањето на човековите права и другите елементи од Декалогот на ОБСЕ не се преговара, не само затоа што во одреден момент беа договорени од сите и сè уште се почитувани од огромното мнозинство од земјите-учеснички , туку едноставно затоа што нема друга алтернатива. Не можеме да дозволиме или да признаеме територијално освојување и промена на границите со војна, ниту да прифатиме враќање на сферите на влијание, владеење на сила и правото на најсилните да одлучуваат за судбината на другите народи.”

На крајот од своето обраќање, министерот Османи ја истакна важноста на заокружувањето на европскиот проект како најдобра инвестиција во мирот, стабилноста и просперитетот на европскиот континент.

Слични содржини