Османи: Не треба да ги оставиме мирни ниту Брисел, ниту Софија

од Берта Китинска

Шефот на дипломатијата Бујар Османи појаснувајќи ја изјавата дадена за бугарската телевизија, дека во јануари би можело да се дојде до решение, истакна дека неговиот став е дека доколку се има политичка волја навистина не се потребни уште шест месеци да се одржи во неизвесност државата, европската перспектива и регионалната динамика.

– Вчера коментирав на прашање на бугарска телевизија дали шесте месеци што беа предложени се соодветен период за надминување на разликите и мојот одговор беше дека имајќи го предвид досегашниот тек во разговорите, тој термин е предолг за надминување на разликите и предолго е за почетокот на преговори за Северна Македонија, бидејќи, кредибилитетот на Унијата повеќе не може да издржи уште шест месеци, но и регионалната динамика тешко може да се одржи со дополнителни непредвидливи шест месеци и дека доколку се има политичка волја може уште јануари да биде наредната можност за надминување на разликите. Тоа беше интерпретирано во јавноста како јас да сум го потврдил јануари како период кога ќе се надмината разликите, рече Османи.

Османи вели дека не треба да ги оставиме мирни ниту Брисел ниту Софија и дека треба да се испорача тоа што е ветено.

-Ние го заслужуваме овој процес. Нема да престанеме да работиме додека не станеме членка на ЕУ. Се разбира дека тоа има колатерални штети. Сметам дека не треба да ги оставиме мирни ниту Брисел ниту Софија. Тоа е ветено, тоа треба да го испорачаат, па и по цена на трошење на политичкиот капитал на секој од нас, посочи Османи.

Тој додаде дека Македонија нема да прифати чекори што ќе значат неизвесност.

-Преговарачката рамка е документ на Советот на ЕУ, но тој документ мора да го прифатиме и ние. Нашиот став ќе биде јасен – дека повеќе нема да прифатиме какви било чекори што ќе значат неизвесност, кои ќе значат продолжување на процесот. Повеќе од една година барам да се одржи вториот состанок на меѓувладината комисија бидејќи тоа е најобјективниот барометар за тоа дали се имплементирал договорот со Бугарија. Другите оценувања се необјективни, додаде Османи.

Слични содржини