Османи побара медиумите да го поканат „првиот премиер Албанец“ на дебати со Заев и Мицкоски

од Берта Китинска
265 прегледи

Граѓаните имаат право да ги видат тројцата кандидати за премиер на ТВ дебата, па затоа ја повикуваме Агенцијата за медиуми да обезбеди демократски и еднакви стандарди, порача денеска портпаролот на ДУИ, Бујар Османи, апелирајќи за рамноправното покривање на медиумите на сите партии и за „еднаков третман на сите кандидати за премиер“.

– Првпат во историјата, на граѓаните на Северна Македонија им е овозможено да изберат повеќе од две опции за нивни премиер. Прв пат, за оваа позиција се натпреваруваат не само двајцата кандидати од двете македонски партии кои ја бараат оваа позиција, туку и непартиски и независен кандидат – Албанец, изјави Османи.

Тој нагласи дека „првиот премиер Албанец“ не само што ќе биде премиер на Албанците во земјава, туку и на сите граѓани на Република Северна Македонија.

– Ова е најсилниот симбол за она што го нарекуваме – еднаква држава. Тоа е сигнал и за ЕУ дека нашата земја е подготвена да се приклучи на европското семејство, затоа што ги надминавме национализмот и етничките поделби, истакна Османи.

Според него, „независниот и непартиски премиер“ не претставува само понуда за албанскиот електорат, туку и за сите граѓани на земјава, кои се незадоволни од „политичкиот дуопол, што ја држеше земјата заглавена во политичката војна долги години“.
– Понудата за граѓаните со нова можност, трета опција, е несомнено важен чекор во напредокот и развојот на демократијата, поради што ги повикуваме Мицковски и Заев да излезат на јавна дебата, каде ќе можат сите тројца кандидати да ги претстават и да ги соочат нивните идеи за иднината на нашата земја, потенцираше Османи.

На крајот тој побара од медиумите, со, како што рече, целосна почит кон нивната демократска одговорност и јавен интерес, да обезбедат еднаквост во дебатите, и да ѝ понудат на својата публика фер соочување меѓу тројцата кандидати за премиер, нагласувајќи дека очекува интересни дебати „меѓу двајцата македонски кандидати Заев и Мицковски и првиот кандидат Албанец за премиер, Насер Зибери“.

Слични содржини