Министерот за надворешни работи Бујар Османи, во неговиот говор по повод одбележувањето на 30-годишнината на мисијата на ОБСЕ во нашата држава посочи дека со претседавањето на Мисијата на ОБСЕ кое треба да почне наредната година, земјава може да даде свој печат и придонес во остварувањето на принципите и заложбите на организацијата.
– За време на 30-годишното присуство во земјава мисијата беше од голема важност за превенција на прелевањето на конфликтот, имплементацијата на Охридскиот рамковен договор, за градење на социјална кохезија и зајакнување на демократските институции и владеење на правото, покрај другиот придонес во подобрување на севкупните услови во нашето општество како целина, рече мнистерот.
Османи не смета дека присуството на Мисијата на ОБСЕ е знак на слабост или негативна симболика. Напротив, вели Османи, вашето присуство е многу важно и вие сте вреден партнер во соочувањето со различни предизвици.
– Голема и вреди да се спомене листата на постигнувањата на мисијата на ОБСЕ во земјава, а некои од поважните се взаемната доверба, почитувањето, разбирањето и доверливата соработка, елементи коишто се мошне битни за имплементација на принципите и заложбите на ОБСЕ, истакна Османи.