За мене проблемот е тоа што е дефинирано во Договорот за добрососедство. Секое излегување од договорот го прави проблемот конфузен, неразбирлив и од тука и констатацијата на премиерот, очигледно чувството е дека се излегува од потпишаната рамка и тоа создава конфузија бидејќи не е во рамката, вели министерот Бујар Османи во интервјуто за РСЕ.
На прашањето дали изјавите на премиерот,во интервју за БГНЕС влијаеле врз процесот на разговори со Бугарија и врз македонските позиции, Османи вели дека, нашите погледи кон соседите се изградени во еден претходен систем и тие биле антибугарски, антиалбански, антигрчки.
-Нашите погледи овде се изградени во еден претходен систем, во еден претходен сојуз и тие погледи биле и антибугарски и антиалбански и антигрчки, затоа што тој поглед бил под плаштот на тогашниот државен интерес, на еден тогашен сојуз. Сега кога влегуваме во друг сојуз со други држави и во НАТО и во ЕУ, со Бугарија, со Грција, со Албанија, не можете со истите очила да го гледате светот. Но, јас велам не да се наметне нов наратив да го замени тој претходниот, туку да се прекрши, да се отворат ограничувањата, рецидивите останати, наследени од историјата, коишто се создадени под еден друг плашт на државен интерес, туку за првпат на погледот кон соседите, кон историјата да се создаде во Скопје, овде, од граѓаните на Република Северна Македонија – Македонци, Албанци, Турци и сите други. Така ќе се отвори и ќе биде симетричен кон сите, во тој поглед мислам дека е и интервјуто на господинот Заев, помага во кршењето на општествената рамка за тоа како се гледа соседот и како се гледа историјата. Јас мислам дека треба да се скрши тој светоглед, вели Османи.