Османи во Скопје, Петков во Софија ќе реферираат за македонско-бугарските средби

од Берта Китинска
216 прегледи

Министерот за надворешни работи Бујар Османи, денеска ќе има излагање пред членовите на Комисијата за надворешна политика на Собранието на Македонија за македонско-бугарскиот дијалог.

-Од Османи е побарано да ги презентира во писмена форма одговорите коишто Македонија во декември минатата година ги дала до официјална Софија на нивниот т.н. план „5+1“, за да бидеме запознаени како пратеници за што се работи и дали таквите одговори се совпаѓаат и се во рамките на усвоената Декларација од македонското Собрание каде утврдивме заеднички национални позиции, изјави Антонијо Милошоски, кој е пратеник од редовите на ВМРО-ДПМНЕ.

Тој се надева дека присуството на министерот ќе биде потврдено на утрешната собраниска Комисија.

– Очекувам да имаме интересна, занимлива, расправа на којашто очекувам да добиеме посериозни одговори околу процесот кој досега е обвиен со една доза на сомнеж за тоа колку транспарентно се преговара на релација Скопје – Софија, додаде Милошоски.

Седницата на собраниската Комисија за надворешна политика е закажана во 11:30.

И бугарскиот премиер Кирил Петков денеска ќе реферира пред пратениците во Народното собранието на Бугарија за резултатите од неговата посета на Скопје минатата недела, како и од средбата на владите на двете земји што се одржа во Софија.

Како што јави БГНЕС, реферирањето на Петков ќе се одржи на барање на најголемата опозициска партија, Граѓани за европски развој на Бугарија (ГЕРБ), на поранешниот бугарски премиер Бојко Борисов и ќе биде прва точка на собраниското пленарно заседание закажано за денеска.

На 25 јануари во Софија се одржа заедничка средба меѓу Владата на Бугарија и РСМ.

Премиерот Петков рече дека отворениот дијалог ќе го замени говорот на омраза и добрососедството ќе биде ставено на пиедестал.

Слични содржини