Османи: Вучиќ верува дека може да се заканува на Турција како што им се заканува на соседните земји

„На истиот ден кога претседателот Трамп ги пофали Турција и претседателот Ердоган за нивното исклучително лидерство во промовирањето на глобалниот мир и безбедност, Вучиќ бесрамно ја напаѓа Турција, земја која, како членка на НАТО, ни помага да го одбраниме мирот“, изјави синоќа косовската претседателка.

од Vladimir Zorba
18 прегледи Фото: Фејсбук/Официјален профил на Вјоса Османи

Претседателката на Косово, Вјоса Османи синоќа коментираше за жестоката реакција на Белград на информациите дека беспилотни летала од Турција пристигнале на Косово, наведувајќи дека српскиот претседател мисли дека може да се заканува на Турција како што им се заканува на соседните земји.

„На истиот ден кога претседателот Трамп ги пофали Турција и претседателот Ердоган за нивното исклучително лидерство во промовирањето на глобалниот мир и безбедност, Вучиќ бесрамно ја напаѓа Турција, земја која, како членка на НАТО, ни помага да го одбраниме мирот“, изјави синоќа косовската претседателка.

Таа рече дека е горда на својата тесна соработка со Ердоган, кого го нарекува човек од збор.

„Горда сум што тесно соработував со претседателот Ердоган, човек од збор, кој отсекогаш покажувал длабока и искрена загриженост за сите народи во нашиот регион и дал извонреден придонес во зачувувањето на стабилноста, безбедноста и сигурноста. Вучиќ, од друга страна, се чини дека верува дека може да се закани на голема земја на НАТО како Турција на ист начин како што им се заканува на соседните земји. Наместо тесно да соработува со земјите-членки на НАТО, тој спроведува одбранбена соработка со Русија, Кина и Иран“, напиша таа на мрежата X.

Пред локалните избори во Косово, контејнери со илјадници турски камикази дронови „Skydagger 15“ пристигнаа вчера во Приштина, објави косовската влада.

Во прашање се дронови FPV RTF опремени со експлозиви за неутрализирање на подвижни и статични цели, кои беа пречекани на аеродромот во Приштина од страна на премиерот Албин Курти и министерот за одбрана – Ејуп Македончи.

Белград веднаш го осуди потегот, но исто така ја обвини Турција за директно кршење на Резолуцијата 1244, според која КФОР е единствената вооружена формација во Косово.

„Згрозен сум од однесувањето на Турција и бруталното кршење на Повелбата на ОН и Резолуцијата 1244 на Советот за безбедност на ОН, како и од континуираното вооружување на властите во Приштина. Сега е сосема јасно дека Турција не сака стабилност на Западен Балкан и дека сонува повторно да ја обнови Отоманската империја. Србија е мала земја, но ние добро ја разбравме пораката“, рече Вучиќ на мрежата X.

Директорот на Канцеларијата за Косово, Петар Петковиќ, го оцени ова како порака дека „Турција не сака мир, туку предизвикува нови тензии и кризи во регионот со ѕвечкање на своето оружје“.

Кратко потоа, началникот на Генералштабот на српските вооружени сили, Милан Мојсиловиќ, оствари итен телефонски разговор со командантот на КФОР, Озкан Улуташ, во кој изрази „силен протест“ поради континуираното вооружување на КБС.

Слични содржини