Министерот за надворешни работи, Бујар Османи, во гостувањето во емисијата „360 степени“ на прашањето кој е ставот на ДУИ за Влада со исто мнозинство, но со друг мандатар, тој одговори дека Заев била важна фигура за одржување на стабилноста во мнозинството.
„Ова мнозинство, кое беше релативно тесно, е постигнато преку прецизен баланс на сили во којшто премиерот Заев беше важна фигура за одржување на балансот. Мислам дека и ако ги имаме бројките на хартија, тешко ќе биде одржлив балансот на кое било мнозинство со изменети улоги и изменети страни кои го договориле ова мнозинство пред околу една година. Ние го имавме ова предвид кога укажувавме дека ова не е добра одлука и тоа се покажа по обидот за ново мнозинство во Собранието. Истото го сметаме и сега, независно што можеме да ги имаме бројките на хартија, поместувањето на коцките во мозаикот може да биде тешко одржливо поради спецификите на контекстот и на договореното и на самото мнозинство“, вели Османи.