Осми ден по пожарот, депонијата кај тетовска Волковија сè уште предизвикува чад и ширење на непријатна миризба

од Vladimir Zorba

Изгорениот смет на депонијата кај тетовска Волковија осми ден по почнувањето на пожарот сè уште предизвикува чад и ширење на непријатна миризба.

Жителите на Волковија се најблиску до оваа локација и велат дека имаат проблеми поради чадот и смрдеата.

– Непријатната миризба и чадот не се како дента на пожарот, но сè уште се чувствува и е тешкотија за дишење, велат мештаните.

Дека продолжува да чади од изгорениот смет сведочат и фотографиите и видеоснимки направени од воздух со употреба на дрон од страна на меѓународната телевизиска мрежа Ал Џезира.

Пожарот избувна на ноќта меѓу 21 и 22 август. Државниот инспекторат за животна средина на крајот на минатата недела донесе решение со кое се изрекува парична казна за фирмата ДТУ „Еко Ливинг“ ДООЕЛ Чегране за пожарот што се случи на таа локација.

Фирмата доби платни налози за правното (9000 евра) и физичкото лице (500 евра), а со решение е задолжена комуналниот отпад од локацијата што се запали во рок од 90 дена да го однесе на депонијата Русино и забрана да носи комунален отпад на истата локација.

Слични содржини