Основачот на Ethereum стана државјанин на Црна Гора

од Vladimir Zorba

Црна Гора сака да се позиционира на светскиот пазар како „хаб“ за блокчејн технологии и се што е поврзано со него, а во тоа треба да им помогне еден од најпознатите експерти во областа – основачот на Ethereum Виталик Бутерин. Неделава на иницијатива на црногорскиот министер за финансии и социјала Милојко Спајиќ му беше доделен статус на државјанин на таа земја.

Откако министерот ја покрена иницијативата, таа беше поддржана од премиерот Здравко Кривокапиќ и со тоа Бутерин официјално се здоби со црногорско државјанство: а денеска му беше врачен црногорски пасош“, беше соопштено на почетокот на неделата.

Неодамна, водечки светски експерти од областа на криптовалутите, на покана на министерот за финансии, ја посетија Црна Гора и учествуваа на панелот „Иднина сега! Нова ера на црногорските финансии“.

Соработката со овие експерти е од особено значење за придонес во развојот на црногорската економија, привлекување инвестиции и создавање високоплатени работни места во индустријата.

Бутерин, како најпознатото име на таа индустрија, ќе придонесе за понатамошна промоција на Црна Гора и севкупниот развој на крипто-индустријата во таа земја, велат од владејачката партија.

„Црна Гора работи на воспоставување законска рамка која најдобро ќе ја искористи оваа технологија и ќе придонесе за растот на бруто домашниот производ“, се вели во соопштението на нивното Министерство за финансии.

Слични содржини