Основен суд Скопје 1: Обвинителките се однесуваа дрско и непрофесионално

од desk2
119 прегледи

Основниот суд Скопје 1 – Скопје денешното однесување на обвинителките од Специјалното јавно обвинителство на рочиштето за насилствата пред Oпштина Центар го оцени како незапаметено непочитување кон судот и судската власт во историјата на Судот и најави дека предметот целосно ќе го достави до Советот на Јавни обвинители и ќе побара од него да се произнесе.

„Во досегашното 72-годишно постоење на Основниот суд Скопје 1 – Скопје не се памети вакво однесување и непочитување  на Јавен обвинител во судница, како кон судот, судската власт, така и кон судијата кој ја води постапката како што присутните можеа да го видат на денешното судење по предметот на Јавното обвинителство за гонење кривични дела поврзани и кои произлегуваат од незаконското следење на коминукациите (СЈО) против 14 обвинети лица за кривичното дело „Насилство“, се вели во денешното соопштение од Основниот суд Скопје 1 – Скопје.

Оттаму потенцираат дека како суд, заради транспaрентно информирање на граѓаните, но и заради јавниот интерес, се должни да кажат дека со  денешниот однос,  јавните обвинителки од посоченото обвинителство, Катица Јанева и Фатиме Фетаи во присуство на јавност во судницата покажале каков е нивниот однос кон судската власт во државата, „однесувајќи се дрско, крајно непрофесионално, злупотребувајќи го правото на збор и погазувајќи го секој принцип од кодексот на јавно обвинителска етика“.