„Остен“ ќе ги соопшти наградените автори на 50. Светска галерија на карикатури

од Vladimir Zorba
94 прегледи

„Остен“ вечер во Музеј на Град Скопје ќе ги соопшти наградените автори на 50. Светска галерија на карикатури Скопје 2018 и ќе информира и за плановите за одбележување на полувековниот јубилеј.

Првата селекција на учесници на 50. Светска галерија на карикатури ја направи познатиот карикатурист од Турција Ердоган Басол, кој беше и член на жири, а останатите членови на интернационалното жири кое одлучуваше за наградите се: Ан Телнес од, САД (уредник-карикатурист на Вашингтон пост), Мостафа Рамезани, Иран/Франција (карикатурист и графички дизајнер), Владимир Казаневски од Украина (карикатурист и предавач по Теорија на уметноста на карикатурата) и Мице Јанкуловски од Македонија (уметник, карикатурист и претставник од „Остен“).

По повод 50-годишниот јубилеј, „Остен“ ќе изложи по едно дело од сите карикатуристи кои се пријавиле на 50. Светска галерија на карикатури  Скопје 2018. Изложбата ќе може да се посети од 1-ви  до 10 јуни во Музеј на град Скопје.

– Светската галерија на карикатури и овојпат ги обедини уметноста, хуморот и интелигенцијата од цел свет, изразена преку цртеж. Доследни на својата заложба за поттикнување на уметноста на хартија, како и секоја година, основен критериум за учество на Светската галерија на карикатури беше учество со оригинални, рачно цртани карикатури, сатирични цртежи и стрипови. Карикатуристите од целиот свет ја поздравуваат оваа наша заложба и ги препознаваат нашите напори за поттикнување вистински уметнички вредности при создавањето на карикатурите, па одѕивот беше исклучително голем: 208 карикатуристи од 50 земји во светот испратија во Остен близу 800 карикатури, соопшти „Остен“.