Американскиот секретар за одбрана Лојд Остин е пуштен од болница по извршена медицинска процедура и ги продолжи должностите доделени на заменик-секретарот за одбрана Кетлин Хикс, соопшти Пентагон.
„Тој добро закрепнува и во вторник во 17 часот продолжи со целосните функции и обврски. Известени се заменик-секретарот за одбрана, началникот на Здружениот генералштаб, Белата куќа и Конгресот“, се вели во соопштението.
Остин во неделата попладне беше пренесен во Националниот воено медицински центар „Волтер Рид“, откако искусил симптоми на „итен проблем со мочниот меур“, се вели во соопштението на Пентагон, пренесува CBS News. Тој беше подложен на она што лекарите во „Волтер Рид“ го опишаа како „нехируршки процедури под општа анестезија“, во соопштението од болницата во понеделникот.
Кабинетот на секретарот за одбрана соопшти дека Остин првично ќе работи од дома, по совет на неговите лекари, но се очекува да се врати во Пентагон подоцна оваа недела. Тој има целосен пристап и до доверливи и други материјали неопходни за извршување на неговите должности, се вели во соопштението.
Лекарите на Остин издадоа соопштение во врска со неговата моментална здравствена состојба, истакнувајќи дека проблемот со мочниот меур е поврзан со операцијата на рак на простата во декември.
Тој бил хоспитализиран на 22 декември на лекување од рак на простата, а на први јануари се врати во болница поради компликации, вклучително и уринарни инфекции.