Српскиот претседател Александар Вучиќ и претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, се обратија на јавноста по денешната средба во Палатата на Србија.
„Особено ми е драго што имавме можност да ја угостиме претседателката на ЕК. Особено сум ѝ благодарен затоа што таа ја посети Србија во неколку наврати, не само нејзиниот главен град. За Србија, членството во ЕУ е стратешка обврска и приоритет на надворешната политика. И тоа нема да се промени. Од почетокот на конфликтот во Украина, не сме отвориле ниту едно поглавје, ниту еден кластер“, рече Вучиќ.
Тој додаде дека верува оти она што е направено во врска со регулаторната агенција и избирачките списоци ќе биде позитивно оценето.
„Сега се соочуваме со тешка ситуација. НИС е под санкции на САД, а тие се де факто под европски санкции. Се надевам дека ќе ја имаме поддршката и помошта од ЕУ. Знам дека ЕУ не може да ја ослободи Србија од царински давачки и нови квоти за челик. Се надевам дека ЕК ќе успее да најде начин да им го олесни процесот на земјите-кандидатки. Зимата нема да ни биде лесна. Обезбедивме доволни количини нафта и гас. Ќе биде тешка политичка зима“, вели Вучиќ, цитиран од Нова.рс.
Вучиќ ја замоли Фон дер Лајен следниот пат да се сретнат на друго место во Србија.
„Живееме во фрагментиран свет кој го проширува јазот помеѓу демократијата и автократијата. Вие многу добро знаете каква е позицијата на ЕУ, нашата позиција е слобода, а не репресија, вклучително и правото на мирно собирање. Ние исто така се залагаме за партнерство, а не за потчинување, за дипломатија, а не за агресија. Одлуката Србија да се приклучи на ЕУ не беше само стратешка, туку беше желба на граѓаните на Србија. Пред речиси две децении, Србија го направи изборот да се приклучи на ЕУ“, рече фон дер Лајен, додавајќи:
„Господине претседателе, сега е вистинското време Србија да преземе конкретни чекори кон пристапување. Првата поента е дека треба да видиме напредок во областите на владеењето на правото, електронските медиуми и изборните закони. Вреди да се вложи труд бидејќи ве доближува до целта. Имплементацијата е клучна и затоа би сакала да ве поканам да дојдете во Брисел за околу еден месец.“
Урсула фон дер Лајен, која е на турнеја низ регионот, пристигна во Белград од Сараево.
„Ќе разговараме за стратешки важни прашања од нашиот европски пат, реформите, моментумот во европската политика на проширување и заедничките напори за зачувување на стабилноста и мирот во регионот“, напиша Вучиќ на Инстаграм.
Вучиќ нагласи дека е благодарен на претседателката на Европската комисија за нејзиниот личен ангажман и поддршка со години на Србија на нејзиниот реформски и развоен пат.
Според најавите од Брисел, една од главните теми на разговорите во Белград ќе биде Планот за раст на Западен Балкан. Кога Планот беше лансиран минатата година, тој беше претставен како пресвртница – начин земјите од регионот да се приближат до Европската Унија.